Шефот на ЕУЛЕКС Ларс-Гунар Вигемарк изрази загриженост за вчерашните инциденти на северот на Косово и изјави дека мисијата заедно со косовската полиција и КФОР ја следи ситуацијата. „Загрижени сме поради вчерашните инциденти на северот на Косово. Секој протест мора да биде мирен и сите мора да останат мирни и воздржани. ЕУЛЕКС ќе продолжи да ја следи ситуацијата во тесна координација со косовската полиција, НАТО и КФОР“, наведе тој. Косовската полиција во вторникот објави дека „маскирани лица, групи и осомничени ги оштетиле канцелариите на општинските изборни комисии на северот на Косово“, користејќи „опасни средства, вклучително и рачни гранати од југословенско производство“.
Инциденти за време на подготовките за избори на северот на Косово
Инцидентите се случиле додека полицијата ги придружувала службениците на Централната изборна комисија на отворањето на општинските изборни комисии. Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека присуството на полицијата ќе биде зголемено на север. Според него, нападите таму ги вршат „криминални банди“, кои се „платени и диригирани од Србија“. Општините на северот на Косово од почетокот на ноември се без градоначалници, кои поднесоа оставки во знак на противење на одлуката на Владата на Косово да ги пререгистрира автомобилите со српски регистарски таблички на север. Претседателката на Косово, Вјоса Османи, за 18 декември ги закажа изборите за градоначалници на четири општини на северот на Косово.