Руски напади со беспилотни летала и артилериски оган во централна Украина

Делови од беспилотно летало Шахед-136 од иранско производство

Руските сили ги нападнаа централните украински региони Дњепропетровск и Запорожје со камикази беспилотни летала и тешка артилерија, соопштија денеска официјални лица, додавајќи и тоа дека тешките борби продолжија на истокот. Гувернерот на Дњепропетровск Валентин Резниченко изјави дека сите руски беспилотни летала биле уништени од украинските сили во нападот во текот на ноќта. „Ги соборивме сите осум беспилотни летала што непријателот ги упати кон областа“, напиша Резниченко на Телеграм. Тој рече и дека нападите со артилерски оган биле насочени кон областа и градот Никопол, предизвикувајќи штета на гасоводи, куќи и згради на фарми, но немало повредени. „Никопол настрада најмногу. Во градот беа оштетени десетина приватни куќи, фарми и гасоводи. Неколку продавници, деловни згради и еден колеџ беа уништени од руските гранати“, рече тој.

На истокот на Украина продолжуваат тешките борби

Руските војници, исто така, гранатирале две населби во регионот Запорожје. Во Вашингтон, американските законодавци се согласија да и дадат на Украина најмалку 800 милиони долари дополнителна безбедносна помош во следната година. Со Фискалниот Закон за овластување за национална одбрана од 2023 година се одобрени дополнителните трошоци за Иницијативата за безбедносна помош во Украина, што претставува зголемување од 500 милиони долари во однос на барањето на претседателот Џо Бајден претходно оваа година.