И денеска блокади на приватните автобуски превозници

Протест на приватните превозници на автобуси во Скопје

Приватните автобуски превозници веќе трет ден по ред продолжуваат со протестите преку блокади на неколку од главните сообраќајни точки во главниот град. Според досегашните изјави од нивна страна, тие нема да ги отстранат автобусите се додека не се исполнат поставените барања за исплата на долгот што го побаруваат од Град Скопје. Градските власти, од друга страна, најавуваат дека денеска ќе има нов јавен повик за приватните автобуски превозници на линиите со број 20 и 22. Единствена разлика, како што велат од Град Скопје, е во тоа што ниту „Слобода Превоз“ ниту „Макекспрес“ нема да можат да конкурираат една година од денот на раскинување на договорот поради прекршување на одредбите од договорот од нивна страна.

Заглавени ученици, пациенти, бизниси - Скопје парализирано

Град Скопје и градоначалничката Арсовска за време на овие два дена не излегоа со став во однос на протестите и барањата на приватните автобуски превозници. „Нема никаква реакција од Градот Скопје, никој ништо не кажува од нивна страна, засега блокадите ќе останат“, изјави за МИА, директорот на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски. Тој рече дека чекале известување од Градот за да видат што ќе прават, но нема никаков пристап или понуда за договор, и, како што нагласи, засега блокадите остануваат.