Вашингтон не ги охрабрува украинските напади врз Русија

портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс

САД соопштија дека „не ја охрабруваат“ Украина да изврши напади против Русија по нападите со беспилотни летала врз неколку руски воздушни бази за кои се верува дека дошле од Киев. „Ние не и помагаме на Украина да организира напади надвор од нејзините граници“, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс, додавајќи: „сè што правиме, се што прави светот е да се поддржи независноста на Украина“. Тој не ги припиша новите напади со беспилотни летала на Киев, кој не презеде одговорност за нападите. Русија извести дека три лица загинале, а два авиона биле оштетени во еден од тие напади чија цел биле бази на нејзина територија.

Колку се лоши работите меѓу Русија и САД?

Експертите веруваат дека Украина влегла во рускиот воздушен простор со беспилотни летала кои датираат од советската ера, а не со воената помош од повеќе милијарди долари што западните сили и ја дадоа на Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, пишува Франс прес. „Ние ја снабдуваме Украина со она што треба да се користи на нејзината суверена територија, на украинска територија, за да се соочи со рускиот агресор“, рече Прајс кој не сакаше да ги коментира информациите на Волстрит журнал, според кои САД ги модифицирале ракетните системи Химарс наменети за Украина за да избегнат употреба во напади врз Русија.