Ќотек, политика и фудбал
АЛБАНИЈА - Лидерот на албанските демократи Сали Бериша денеска беше нападнат за време на протестот во Тирана, каде што се одржува самитот ЕУ-Западен Балкан. Бериша беше удрен со бокс во лице, од 25-годишен маж, кој присутните, го оттргна и го претепа, по што бил пренесен во болница. Бериша, иако беше удрен во лицето, излезе на говорницата и ги поздрави учесниците велејќи „ништо на светот нема да ги порази народот и опозицијата“.
ТУРЦИЈА - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ја повика Грција да го почитува меѓународното право и рече дека во спротивно Анкара ќе го направи она што е потребно, јави агенцијата Анадолија. Говорејќи на заедничката прес-конференција со неговиот романски колега Богдан Ауреску во Анкара, Чавушоглу истакна дека Грција треба да ги почитува договорите.
ТУРЦИЈА - Пратеник од опозицијата е хоспитализиран во Турција по тепачка во Парламентот за време на тензичната дебата за државниот буџет за следната година. Телевизиите објавија снимки од десетици пратеници од Партијата на правдата и развојот (АКП) на претседателот Реџеп Таип Ердоган и опозициските политички сили како се тепаат меѓу себе. Некои од нив си разменуваат тупаници, а други се обидуваат да ги смират колегите.
ХРВАТСКА - Двајцата пилоти на хрватскиот МиГ-21 кој денеска падна, се пронајдени живи и надвор од животна опасност, соопшти денеска Министерството за одбрана во Загреб. Тие успешно се катапултирале и се приземјиле од авионот на Хрватското воено воздухопловство, кога за време на обука авионот се урна во ненаселено шумско подрачје во Вировитичко-подравската жупанија кај Слатина.
МАКЕДОНИЈА - Нема никаква реакција од Градот Скопје, никој ништо не кажува од нивна страна и засега блокадите ќе останат, изјави за МИА директорот на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.
„Се чекаше известување од Градот за да видат што ќе прават, но нема никаков пристап или понуда за договор, засега блокадите остануваат“, изјави Јовановски.
БИХ - Министерот за човекови права и бегалци во Советот на министри на Босна и Херцеговина, Милош Лучиќ денеска е уапсен во областа на источно Сараево, соопшти Обвинителството на Босна и Херцеговина. Лучиќ (1986) беше уапсен од припадници на Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА), а Обвинителството на БиХ го товари за злоупотреба на службената положба и овластување, корупција и непотизам. Истрагата прибрала докази дека Лучиќ трошел средства наменети за репрезентацијата, неовластено сервисирал возила со неовластени лица, извршил малверзации при вработување, како и низа други незаконитости кои се опфатени со истрагата, посочуваат од Обвинителството на БиХ.
МАКЕДОНИЈА - Одлуката за доделување на македонско државјанство на Украинецот Олександар Онишченко ќе биде поништена. Оваа одлука ја донесе денеска македонската влада откако го разгледа известувањето од Министерството за внатрешни работи за можноста за одземање на веќе дадено државјанство, што беше побарано од страна на Владата, на претходна владина седница.
БУГАРИЈА - Софија се заканува со контрамерки против Холандија и Австрија доколку тие земји стават вето на пристапот на Бугарија во Шенген зоната, рече вршителот на должноста бугарски премиер Галаб Донев, додавајќи дека до клучното гласање „би можело да преовладее здравиот разум“. Експертската мисија на Европската комисија оцени дека Бугарија, Романија и Хрватска се подготвени да влезат во Шенген, но Холандија и Австрија не се согласуваат со тоа - Холандија остро се противи на приемот на Бугарија, а Австрија е против Бугарија, но и Романија. Донев не прецизираше какви би можеле да бидат бугарските контрамерки, но рече дека се надева оти Бугарија нема да мора да ги спроведува, објави денеска Еуроактив.
ЕУ - Европската унија подготви нов предлог за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија со јасна временска рамка на активности, јави Ројтерс, повикувајќи се на висок дипломат на ЕУ кој зборувал на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана. Нацрт-предлогот вчера е испратен до двете страни, рече дипломатот, кој сакаше да остане анонимен.
САД - Вашингтон испраќа тим во Македонија за поагресивен поглед на корумпирани учесници и сегашни и минати, напиша американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер на Твитер. Таа пишува дека тимот ќе ги разгледа сите можни одговори.
„На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот“, твитна амбасадорката.
Во последниот период борбата против корупцијата е мета на гласни критики од претставниците на меѓународната заедница.
СРБИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Тирана изјави дека ќе разговара со сите од регионот и од Европа и дека „подобро е да се биде на маса“ бидејќи тоа е добра можност да ги зачува интересите Србија. „Секогаш е подобро да се биде на маса, бидејќи кога не си на маса, тогаш си на менито, ова е добра можност да се заштитат интересите на Србија“, им рече Вучиќ на новинарите во Тирана пред почетокот на самитот ЕУ- Западен Балкан.
ЕУ - Германскиот канцелар Олаф Шолц на денешниот Самит ЕУ – Западен Балкан во Тирана рече дека забележал ново, попозитивно расположение меѓу членките на Европската унија за можноста земјите од Западен Балкан да се приклучат на блокот во споредба со пред неколку години, пред руската инвазија врз Украина. Претходно, и шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека процесот на проширување на Европската унија повторно доби замав.
МАРОКО - Мароко направи „чудо“ елиминирајќи ја Шпанија од Мундијалот во Катар. Со победата од 3:0 по изведувањето на пенали, мароканската репрезентација се пласираше во четвртфиналето на СП во Катар.