Чавушоглу - Доколку Атина не сака мир, Анкара ќе направи сè што е потребно

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ја повика Грција да го почитува меѓународното право и рече дека во спротивно Анкара ќе го направи она што е потребно, јави агенцијата Анадолија.

Говорејќи на заедничката прес-конференција со неговиот романски колега Богдан Ауреску во Анкара, Чавушоглу истакна дека Грција треба да ги почитува договорите.

„Или Грција ќе направи чекор назад и ќе се придржува до договорот, или ќе го направиме она што е потребно“, предупреди Чавушоглу, алудирајќи на неодамнешната воена вежба на Грција на островите во Егејското Море.

Видете и ова: Шолц: неприфатливо е Турција да го оспорува суверенитетот на Грција


Тој, исто така, ја критикуваше Грција поради милитаризацијата на егејските острови во близина на турскиот брег, кои беа демилитаризирани според долгогодишните договори.

„Доколку Атина не сака мир, Анкара ќе направи сè што е потребно“, рече Чавушоглу.

Тој потоа ја повика Грција да престане со нелегитимното вооружување на островите во Егејското Море и да дејствува во согласност со меѓународните договори. Анкара инсистира дека распоредувањето војска и оружје на некои острови во близина на нејзиниот брег е прекршувањето на нивниот „невоен статус“ според меѓународното право.

„Грција продолжува со провокациите. Не можеме да молчиме на тоа, додаде шефот на турската дипломатија“, пренесе Анадолија.

Грција неодамна спроведе воена вежба на егејскиот остров Родос, на 84 километри од турскиот приморски град Фетије.

Атина соопшти дека мора да ги брани своите острови од потенцијален напад на Турција, која има значителна воена сила на својот западен брег.