На самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана денеска беше потпишана Декларација во која ЕУ уште еднаш ја потврдува својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во Европската Унија и повикува на забрзување на пристапниот процес заснован на кредибилни реформи од страна на партнерите, фер и ригорозни услови, како и принципот на сопствените заслуги.
„ЕУ ја потврдува својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство во Европската унија на Западен Балкан и повикува на забрзување на процесот на пристапување, врз основа на веродостојни реформи од страна на партнерите, фер и ригорозни условувања и принципот на сопствени заслуги, што е во наш заеднички интерес. Го поздравува напредокот постигнат од страна на партнерите од Западен Балкан на нивните соодветни патишта на ЕУ од Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо во октомври 2021 година. Особено, ЕУ го поздравува одржувањето на првите Меѓувладини конференции со Албанија и Северна Македонија“, стои во Декларацијата.
Претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел денеска на крајот од самитот на ЕУ - Западен Балкан во Тирана изјави дека овој самит е историски и оти е средба на која се пишува историја бидејќи за првпат се одржала на Западен Балкан.
„Овој состанок е важен бидејќи носи важни конкретни ангажмани на патот на интеграцијата“, рече тој на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и премиерот на Албанија, Еди Рама.
„Длабоко верувам дека нашите деца ќе имаат побезбедна и попросперитетна иднина со Западен Балкан во ЕУ. Тоа заедничко верување не собра овде за да работиме на заеднички проекти“, рече Мишел.
Видете и ова: Самит ЕУ-Западен Балкан, што да се очекува?Мишел информира дека се договорени заеднички проекти, со цел да се намалат негативните последици од војната во Украина во областа на енергетиката, безбедноста на храната и економијата. Затоа е важно ЕУ да го усвои финансискиот пакет, рече тој.
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Тирана изјави дека забележал ново, попозитивно расположение меѓу членките на Европската унија за можноста земјите од Западен Балкан да се приклучат на блокот во споредба со пред неколку години, пред руската инвазија врз Украина.
„Сосема сум сигурен дека се појави ново инклузивно движење и оти скептицизмот што го создадоа пред неколку години неколку земји-членки сега мутираше во подготвеност ова активно да се турка напред“, рече Шолц по самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана.
Претходно, и шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека процесот на проширување на Европската унија повторно доби замав и дека Унијата сега многу поинтензивно соработува со Западен Балкан.
На последниот самит, во Брдо, Словенија, есента 2021 година, доминираа спорови за тоа дали конечната декларација треба да го содржи зборот „проширување“, бидејќи некои западни земји-членки на ЕУ во тоа време не сакаа да се заложат за проширување на клубот.
По пристигнувањето на самитот ЕУ - Западен Балкан, запрашана за влијанието на војната во Украина, таа рече дека не е само руската агресија врз Украина, туку се работи и за тоа дали ќе надвладее автократијата и владеењето на силата или демократијата и владеењето на правото.
„На вас е да одлучите на која страна сте. На страната на демократијата, која е ЕУ, која е ваш пријател и партнер, или сакате да одите на друг начин. Тоа се основните прашања за кои ќе разговараме. Забележувам со сите шест земји од Западен Балкан дека членството во ЕУ и ЕУ се нивна приоритетна цел и токму тоа го поддржуваме“, рече претседателката на Европската комисија.
Поевтин роаминг и пари за енергетика
На Самитот во Тирана телекомуникациските оператори од ЕУ и од Западниот Балкан потпишаа Договор со кој ќе се овозможи намалување на цените за роаминг меѓу ЕУ и регионот од октомври следната година.
Потпретседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Лилјана Павлова, на самитот ЕУ – Западен Балкан што се одржа денеска во Тирана, вети помош за краткотрајните потреби на регионот што произлегоа од руската војна во Украина.
Оваа поддршка ќе биде за проекти за употреба на чиста енергија, проширување на електричните мрежи и инфраструктурата за складирање, како и поддршка на приватниот сектор за имплементација на енергетски ефикасни мерки.
Албанската опозиција на протест, Бериша нападнат
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Лидерот на албанските демократи Сали Бериша денеска беше нападнат за време на протестот во Тирана, каде што се одржува Самитот ЕУ-Западен Балкан. Бериша бил удрен со бокс во лице, од 25-годишен маж, кој присутните, го оттргнале и го претепале па бил пренесен во болница.
Бериша, иако беше удрен во лицето, излезе на говорницата и ги поздрави учесниците велејќи „ништо на светот нема да ги порази народот и опозицијата“.
Учесниците извикуваат „Рама оди си“, „Рама мафија“ а оние кои се обратија кажаа дека не се против ЕУ туку за и оти ова е начин да им ја кажат на европските лидери вистината за Албанија „заробена од мафијата предводена од Рама“.
Ковачевски разговарал со Шолц и Макрон
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски соопшти дека за европската иднина на земјата денеска во Тирана разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Со претседателот на Франција Емануел Макрон и канцеларот на Германија Олаф Шолц, кои се наши големи поддржувачи, секогаш имаме конструктивни разговори за европската иднина на Северна Македонија“, напиша Ковачевски на Фејсбук.
„Тема на нашиот разговор беше и енергетската криза, актуелните состојби во Европа и војната во Украина“, напиша Ковачевски.
Пред почетокот на панел дискусијата на Самитот, Ковачевски, како што објави, се сретнал и со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел.
Видете и ова: Лидерите на ЕУ и Западен Балкан на самит во Тирана во услови на војна во УкраинаВучиќ – Неприродно е да воведеме санкции против Русија
Српскиот претседател Александар Вучиќ, чие учество на Самитот беше неизвесно до последен момент, денеска во Тирана рече дека учеството била добра одлука и дека со претставниците на ЕУ и на Западниот Балкан имал најотворени и најчесни разговори досега.
За неговата одлука да дојде во Тирана, тој рече дека „секогаш е подобро да се биде на маса затоа што кога не си на маса, ти си на менито“.
Вучиќ рече дека најголем дел од разговорите бил посветен на енергетиката, но и на тоа што Србија не вовела санкции против Русија.
Тој рекол дека не е природно Србија да воведува санкции.
Лидерите на ЕУ и нивните колеги од Западен Балкан се собраа во албанскиот главен град Тирана на разговори со цел зајакнување на нивното партнерство во услови на руска инвазија на Украина. Брисел сака да го искористи еднодневниот собир - првиот самит ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи надвор од Европската унија - за да им каже на лидерите од Албанија, Босна, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија да им дадат конкретни знаци, наместо само нејасни ветувања, дека еден ден ќе се приклучат на тој блок од 27 нации.