Двајцата хрватски пилоти од воениот авион што се урна се живи и надвор од животна опасност

Архивска фотографија: Авион МиГ-21 на Хрватското воено воздухопловство

Двајцата пилоти на хрватскиот МиГ-21 кој денеска падна, се пронајдени живи и надвор од животна опасност, соопшти денеска Министерството за одбрана во Загреб.

Тие успешно се катапултирале и се приземјиле од авионот на Хрватското воено воздухопловство, кога за време на обука авионот се урна во ненаселено шумско подрачје во Вировитичко-подравската жупанија кај Слатина.

Видете и ова: Хрватска го критикува НАТО по падот на дронот од руско производство


Во соопштението се наведува дека пилотите се во стабилна состојба, вон животна опасност и дека ќе бидат превезени во болница на лекарски прегледи.

Според дел од медиумите, еден од пилотите си ја повредил ногата. Медиумите неофицијално објавија дека авионот се урнал зашто му откажал моторот.

Падот на авионот МиГ-21 е трета тешка воена авионска несреќа во последните 2,5 години во Хрватска. Во 2020 година, во две несреќи загинаа четворица офицери на Хрватското воено воздухопловство.