Ковачевски во Тирана разговарал со Макрон и Шолц

Премиерот Димитар Ковачевски разговара со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Олаф Шолц на Самитот ЕУ - Западен Балкан во Тирана на 6 декември 2022

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски соопшти дека за европската иднина на земјата денеска во Тирана разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Олаф Шолц.

„Со претседателот на Франција Емануел Макрон и канцеларот на Германија Олаф Шолц, кои се наши големи поддржувачи, секогаш имаме конструктивни разговори за европската иднина на Северна Македонија“, напиша Ковачевски на Фејсбук.

Тој напиша дека за време на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тирана, со Макрон и Шолц разговарал „за актуелните процеси во Република Северна Македонија, посебно во делот на започнатиот скрининг процес како и за предизвиците со кои се соочуваме и успешно ги надминуваме“.

„Тема на нашиот разговор беше и енергетската криза, актуелните состојби во Европа и војната во Украина“, напиша Ковачевски.

Пред почетокот на панел дискусијата на Самитот, Ковачевски, како што објави, се сретнал и со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел.

„Разговаравме за актуелните случувањa во Европа, кризата со енергијата, војната во Украина“, напиша Ковачевски.

Лидерите на ЕУ и нивните колеги од Западен Балкан се собраа во албанскиот главен град Тирана на разговори со цел зајакнување на нивното партнерство во услови на руска инвазија на Украина.