Турција – Ќе го поддржиме влезот на Финска во НАТО кога ќе ни го укине ембаргото за оружје

Илустрација: Знамињата на Финска, НАТО и на Шведска

Финска мора јавно да соопшти дека ја укинува забраната за продажба на оружје на Турција за Анкара да даде согласност за членство на таа земја во НАТО, изјави денеска шефот на турксата дипломатија Мевлут Чавушоглу.

Тој ги изнесе очекувањата на Турција од Хелсинки во пресрет на доаѓањето на финскиот министер за одбрана Анти Кајконен во посета на Анкара, кој в четврток со неговиот турски колега Хулуси Акар ќе разговара за желбата на Финска да влезе во НАТО.

Видете и ова: Шведска екстрадира во Турција осуден член на ПКК

Загрижени дека би можеле да станат мети на Москва, Шведска и Финска ја напуштија долгогодишната политика на воена неутралност и поднесоа барање за членство во НАТО, откако Русија изврши инвазија врз Украина во февруари годинава.

Турција, која е членка на НАТО, го отежнува придружувањето на Шведска и Финска кон Алијансата, обвинувајќи ги да ги игнорираат заканите кон Турција од курдските оружени формации и другите групи кои Анкара ги смета за терористички. Анкара врши притисок врз Финска и Шведска да се пресметаат со припадниците на таквите групи, со барање за укинување на ембаргото на оружје за Турција.

Шведска во септември објави дека ја укинува забраната за продажба на оружје во Турција, која ја воведе во 2019 година после турската операција против курдските сили во Сирија.

Турција и Унгарија се единствените две држави од НАТО кои не го ратификуваа протоколот за пристапување на Финска и Шведска во Алијансата, додека останатите 28 членки веќе го ратификуваа.