Владата одлучи - ќе се поништи државјанството на Онишченко

Одлуката за доделување на македонско државјанство на Украинецот Олександар Онишченко ќе биде поништена. Оваа одлука ја донесе денеска македонската влада откако го разгледа известувањето од Министерството за внатрешни работи за можноста за одземање на веќе дадено државјанство, што беше побарано од страна на Владата, на претходна владина седница.

„Денешната одлука на Владата е базирана на Законот за државјанство на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението од владината прес служба.

Видете и ова: Димовски: Го најдовме виновникот, јас не чувствувам одговорност за државјанството за Онишченко


Во соопштението е наведено дека Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да постапи веднаш по донесената одлука за поништување на одлуката за прием на Онишченко во државјанство на Република Северна Македонија.

По истражувачката сторија на „Бирн Призма“ за овој случај во Собранието директорот на АНБ Виктор Димовски даваше отчет за пропустите во постапката за проверка за издавање на државјанство на Онишченко. Димовски тогаш изјави дека службеник во Агенцијата е виновен , затоа што без да се консултира со меѓународните партнери во НАТО, дал согласност дека издавање на државјанство за украинскиот државјанин Олексндр Онишченко, односно констатирал дека нема безбедносен ризик.

Украинскиот државјанин Онишченко кој се наоѓа на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, доби македонско државјанство како спортист во еквестријан на предлог на Коњичката федерација. Одлуката за доделување македонско државјанство на Онишченко ја донесе Владата, по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.