ЕУ подготви нов предлог за односите меѓу Косово и Србија

Европската унија подготви нов предлог за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија со јасна временска рамка на активности, јави Ројтерс, повикувајќи се на висок дипломат на ЕУ кој зборувал на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана. Нацрт-предлогот вчера е испратен до двете страни, рече дипломатот, кој сакаше да остане анонимен. „Има многу работи што го прават тоа голем чекор напред во однос на моменталната ситуација... Тоа не е целосно признавање...но тоа е целосна нормализација на односите“, рече дипломатот. Белград и Приштина во 2013 година се обврзаа на дијалог под покровителство на ЕУ за решавање на отворените прашања, но постигнат е мал напредок.

Курти: Ако има волја, ќе има и договор за Косово и Србија

Договорот со Косово останува еден од главните предуслови за влез на Србија во ЕУ. „Откако ги сослушавме двете страни, го реконструиравме предлогот“, рече дипломатот. Предлогот содржи анекс „со јасен календар на активности - кога и како работите треба да се случат“, додава дипломатот. Денеска во Тирана и косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу и српскиот претседател Александар Вучиќ изјавија дека остануваат посветени на дијалогот под покровителство на ЕУ.