Софија се заканува со контрамерки против Холандија и Австрија доколку тие земји стават вето на пристапот на Бугарија во Шенген зоната, рече вршителот на должноста бугарски премиер Галаб Донев, додавајќи дека до клучното гласање „би можело да преовладее здравиот разум“. Експертската мисија на Европската комисија оцени дека Бугарија, Романија и Хрватска се подготвени да влезат во Шенген, но Холандија и Австрија не се согласуваат со тоа - Холандија остро се противи на приемот на Бугарија, а Австрија е против Бугарија, но и Романија. Донев не прецизираше какви би можеле да бидат бугарските контрамерки, но рече дека се надева оти Бугарија нема да мора да ги спроведува, објави денеска Еуроактив.
Софија лута поради холандското „не“ за влез во Шенген
Според неофицијални информации од Софија, доколку Холандија не се премисли, Бугарија првично би можела да ја блокира кандидатурата на Ханс Лајтенс за шеф на Фронтекс. Бугарскиот министер за правда Крум Зарков изјави дека овојпат бугарската закана е многу реална и нејзината цел е да предизвика реакција од земјите на ЕУ. Бугарските власти тврдат дека позициите на холандскиот премиер и на австриската канцеларка се диктирани повеќе од внатрешно-политички причини, отколку од конкретни пропусти во примената на шенгенските правила од страна на Бугарија. „Постои сомнеж за двојни стандарди, особено за Холандија“, рече Донев.
Австрија се противи на влезот на Хрватска, Бугарија и Романија во шенген зоната
Советот на ЕУ за правда и внатрешни работи на 8 декември треба да гласа за две одлуки за влез во Шенген, при што првата одлука се однесува на Бугарија и Романија, а втората за Хрватска. Потребни се едногласни одлуки. Бугарскиот претседател Румен Радев за време на викендот ја опиша позицијата на Холандија како „цинизам“. Холандскиот премиер Марк Руте пред неколку дена изјави дека бугарската граница може да се помине со поткуп од 50 евра, на што жестоко реагираше официјална Софија.