Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Тирана изјави дека ќе разговара со сите од регионот и од Европа и дека „подобро е да се биде на маса“ бидејќи тоа е добра можност да ги зачува интересите Србија. „Секогаш е подобро да се биде на маса, бидејќи кога не си на маса, тогаш си на менито, ова е добра можност да се заштитат интересите на Србија“, им рече Вучиќ на новинарите во Тирана пред почетокот на самитот ЕУ- Западен Балкан. Кога станува збор за напредокот на регионот на полето на евроинтеграциите, тој рече дека не е оптимист, туку реалист и оти дошол во Тирана да ги слуша европските и регионалните претставници.
Самит ЕУ-Западен Балкан, што да се очекува?
Договорот за намалување на цените на роаминг меѓу Западен Балкан и ЕУ, чие потпишување беше најавено за време на самитот во Тирана, тој го оцени како важен за граѓаните од регионот. „Верувам дека овде ќе слушнеме нешто и за стратегијата на ЕУ за иднината и тоа е најважно за сите нас“, рече тој, додавајќи дека ќе има средби со сите, а како посебни билатерални средби ги истакна средбите со италијанската премиерка Џорџија Мелони и со холандскиот и белгискиот премиер Марк Руте и Александар де Кро.