На истокот на Украина продолжуваат тешките борби

Украинската војска користи самоодна артилериска инсталација 2C1 „Гвоздика“ од 122 мм во регионот Доњецк

Украинските сили се соочија со нова рунда руски напади на исток, соопшти денеска Генералштабот на украинската војска. Во меѓувреме техничарите се обидуваат да ја вратат електричната енергија по последниот бран ракетни напади на Москва што предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија низ целата земја. Руските трупи ја продолжија својата офанзива во областите Бахмут и Авдијевка во регионот на Доњецк, соопшти Генералштабот, додавајќи дека со тенковско и артилериско бомбардирање биле нападнати околу 20 населени места во областа, вклучувајќи ги Соледар, Верхнокамјанске, Андријивка и Јаковљивка. Официјалните лица предупредија дека критичната енергетска инфраструктура на Украина и понатаму е загрозена од дополнителни руски напади и дека повторно ќе има итни прекини во неколку региони.

Русија ги обнови ракетните напади врз Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето ноќно обраќање објави дека четири лица загинале во руските напади. Но, „нашиот народ никогаш не се откажува“, рече Зеленски. Околу половина од регионот околу украинскиот главен град ќе остане без електрична енергија во наредните денови по руските ракетни напади врз електроенергетските постројки, изјави регионалниот гувернер на Киев. Оштетувања претрпеа и други региони, при што сите пумпни станици за вода и резервни линии во регионот Одеса ја загубија електричната енергија и беше прекинато снабдувањето со вода.

Експлозии во две воздушни бази во Русија

Аеродромот во рускиот регион Курск преку границата со Украина, бил цел на „напад со беспилотни летала“, соопшти гувернерот Роман Старовојт, кој не прецизира од каде потекнува дронот. „Како резултат на напад со беспилотно летало во реонот на аеродромот Курск, се запали резервоар за складирање нафта“, објави Старовојт на социјалните мрежи, додавајќи дека нема жртви. До ова дојде еден ден откако Москва ја обвини Украина дека извршила смртоносни напади со беспилотни летала на два други аеродроми. Информацијата не можеше да биде независно потврдена. Исто така, Ројтерс објави дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден свикал виртуелен состанок на 8 декември со директорите на нафта и гас за да разговараат за тоа како Вашингтон може да ја поддржи украинската енергетска инфраструктура.