Бугарија ги отфрли обвинувањата дека нејзините граничари застрелале сириски бегалец во октомври, откако видеото објавено вчера покажува дека е пукано врз маж на границата со Турција. Снимката на која барател на азил е погоден со боева муниција на 3 октомври е дел од заедничката истрага на неколку европски медиуми предводени од Lighthouse Reports. На видеото снимено на турската страна на границата, млад човек паѓа на земја откако куршум му поминува низ раката и во градите. Мажот, на одделни снимки снимени неколку дена подоцна, се идентификува како 19-годишен Абдула Ел Рустум од Сирија. Тој рече дека бил застрелан од бугарски граничари откако неговата група била фатена додека илегално влегувала во Бугарија и била вратена назад во Турција.
Дали бугарското МВР работи со луѓе како Динко, „ловецот на бегалци“?
Бугарската влада ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека војниците кои ја чуваат границата строго ги следат меѓународните и домашните закони. „Нема случаи на насилство врз мигранти“, изјави министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев, наведувајќи дека странските медиуми во последно време почесто известуваат за миграцијата преку бугарско-турската граница. Заедничката истрага предводена од Lighthouse Reports ги вклучи британската телевизија Скај њуз, францускиот весник Ле Монд, британскиот весник Тајмс, италијанскиот весник Домани, бугарскиот сервис на РСЕ и германската телевизија АРД.
Зошто Холанѓаните го блокираат влезот на Бугарија и Романија во Шенген?
„Има јасни заклучоци од двете страни дека нема докази дека е пукано од бугарски граничен полицаец и дека не се преземени активности за кршење на нечии човекови права“, рече Демерџиев. Тој додаде дека граничните службеници неодамна се соочиле со поголема агресија од луѓе кои се обидувале неовластено да влезат во Бугарија, вклучително и некои кои користеле камења и ножеви. „Ако некој очекува дека бугарската полиција нема да одговори на таквите акции, греши“, рече Демерџиев.