Морална полиција, ракети и приватни автобуси
МАКЕДОНИЈА - Малолетник од Скопје доби кривична пријава за сторено кривично дело „тероризам”, поради испраќање на една од лажните дојави за бомби во скопски училишта. Кривичната е поднесена од страна на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
ЦРНА ГОРА / УКРАИНА - Техничкиот премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска потпишаа заедничка Декларација за евроатлантската перспектива на Украина. Како што појаснија од Владата на Црна Гора, земјата се обидува да ја поддржи одбраната на Украина, со донирање 11 отсто од средствата од воениот буџет, како и преку хуманитарен аспект и прием на илјадници бегалци.
МАКЕДОНИЈА - Државниот завод за статистика соопшти дека цените на угостителските услуги во ноември годинава, во однос на истиот месец лани се зголемени за 17.1 %. Кумулативно, во периодот јануари – ноември годинава, во споредба со истиот период од 2021, цените се повисоки за 11.9 %, додека пак, во споредба со октомври годинава, растот изнесува 0.1 %.
КАТАР - Дисциплинската комисија на Меѓународната фудбалска федерација ФИФА најави отворање истрага против Уругвајскиот фудбалски сојуз и неколку играчи на уругвајската репрезентација. Како што соопшти ФИФА, постапката е покрената по инцидентите на мечот со Гана на Светското првенство во Катар што е во тек.
МАКЕДОНИЈА - Амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава, Анке Холштајн денеска истакна дека напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија ќе зависи во голема мера и од успешното сузбивање на корупцијата. Ова го изјави за време на предавањето на донација во опрема за потребите на МВР и предупреди дека има многу работа. Притоа потсети дека во пристапниот процес кон ЕУ поглавјето за владеењето на правото е првото поглавје кое се отвора и последно се затвора.
РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин на 5 декември потпиша закон со кој се проширува постоечката забрана за промовирање „ЛГБТ пропаганда“ на децата со тоа што ја забранува меѓу луѓето од сите возрасти. Според новиот закон, секој настан или чин што се смета за обид за промовирање на хомосексуалноста - вклучително и на интернет, во филмови, книги, рекламирање или во јавност може да донесе висока казна.
На фотографијата - транспарент со ликот на Путин на протест во Лондон.
СРБИЈА - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ потврди дека ќе оди во Тирана на Самитот на ЕУ и земјите од Западен Балкан. Во денешната изјава, Вучиќ рече дека не е сигурен дека ќе има некаква корист од неговото заминување во Тирана, но дека ќе има голема штета ако не оди.
УКРАИНА - Украина соопшти дека Русија денеска започнала нова рунда ракетни напади додека Западот се обидува да ја ограничи способноста на Москва да ја финансира својата инвазија со воведување ограничување на цената на руската нафта преку море. Воздухопловни тревоги се огласија низ Украина, а официјалните лица ги повикаа цивилите да се засолнат од, како што велат, најновите бранови руски ракетни напади од нејзината инвазија на 24 февруари. Засега нема информации за евентуални штети или жртви, но официјални лица, цитирани од украинските медиуми, велат дека може да се слушнат експлозии во некои области.
ГРУЗИЈА - Затворениот екс-претседател на Грузија, Михаил Саакашвили, бил „отруен“ во притвор со тешки метали и ризикува да умре без соодветен третман, се вели во медицинскиот извештај што денеска го дистрибуираше неговиот правен тим. 54-годишниот Саакашвили во минатата година беше префрлен во болница по штрајкот со глад кој го одржуваше 50 дена за да протестира против неговиот затвор, кој групите за човекови права го осудија како политички мотивиран.
САД - Цените на нафтата денеска пораснаа откако земјите извознички на нафта се согласија да не го зголемуваат производството, а групата од седумте најбогати земји во светот (Г7) и нејзините сојузници објавија дека од денеска ќе воведат ограничување на цената на руската нафта. Цената на нафтата од типот брент утринава порасна за околу 0,6 отсто на повеќе од 86 долари за барел, јавува Би-Би-Си. Г7 се согласи во петокот да ја ограничи цената на руската нафта на 60 долари за барел за да го зголеми притисокот врз Русија да ја запре инвазијата врз Украина.
ТУРЦИЈА - Годишната инфлација во Турција благо се намали во ноември за прв пат по постојаниот раст за нешто повеќе од една година, објави денеска Турскиот статистички институт. Потрошувачките цени за оваа година пораснаа за 84,39 отсто во ноември наспроти растот од 85,51 отсто во октомври. Месечната стапка на инфлација во ноември изнесуваше 2,88 отсто, наспроти 3,51 отсто во претходниот месец. Тоа е првпат годишната инфлација да се намали од мај 2021 година.
ИРАН - Статусот на иранската полиција за морал останува нејасен откако главниот обвинител на земјата изјави дека таа била затворена по континуираните протести по смртта во септември во полицискиот притвор на 22-годишната Махса Амини. Мохамед Џафар Монтазери беше цитиран од полуофицијалната новинска агенција ИСНА дека полицијата за морал „била затворена“, но еден ден подоцна државната новинска агенција ИРНА ја цитираше неговата изјава дека „полицијата за морал нема никаква врска со судство“.
МАКЕДОНИЈА - Нова претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска стана Весна Дамева. Таа беше избрана со 10 гласа за и еден против. Дамева доаѓа на функцијата откако Црвенковска во минатиот вторник поднесе неотповиклива оставка како претседателка на Советот. Во соопштението што го испрати до медиумите за нејзината оставка таа се пожали дека веднаш по нејзиниот избор на функцијата започнала медиумска хајка со крајна цел да даде оставка затоа што нејзиниот избор за претседател не одговарал на група од „судската бизнис-елита“.
БУГАРИЈА - Најголемата бугарска политичка партија, централно-десничарската ГЕРБ, денеска доби седум дена да се обиде да формира влада која ќе ја изведе земјата од продолжениот политички ќорсокак во услови на високи енергетски тешкотии и економско забавување. Два месеца по победата на предвремените избори на 2 октомври со 25,3 отсто од гласовите, ГЕРБ обезбеди уште една недела од претседателот Румен Радев да состави функционален кабинет и да избегне петти избори за помалку од две години.
ЕУ - Денеска стапи во сила ограничувањето на цените на Групата седум (Г7) на руската нафта со што Западот се обидува да ја ограничи способноста на Москва да ја финансира војната во Украина, иако Русија рече дека нема да се придржува до мерката дури и ако треба да го намали производство. Земјите од Г7 и Австралија во петокот договорија ограничување на цената од 60 долари за барел на руската сурова нафта, откако членките на Европската унија го надминаа отпорот од Полска. Русија е втор најголем извозник на нафта во светот.
САД - „Вашингтон не гледа знаци дека Москва е заинтересирана за разговори за ставање крај на војната во Украина“, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен, наведувајќи: „Секогаш е добра дипломатијата ако засегнатите страни, а во овој случај Русија, се заинтересирани за дипломатија. А она што го видовме, барем неодамна, е токму спротивното“. Според него, рускиот претседатл Владимир Путин ја сменил тактиката откако претрпе неуспеси на бојното поле.
МАКЕДОНИЈА - Приватните превозници, кои беа дел од јавниот автобуски превоз во Скопје, денеска од 6 часот изутрината блокираа три крстосници во главниот град поради неисплатени долгови кон нив од страна на Град Скопје.