Амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава, Анке Холштајн денеска истакна дека напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија ќе зависи во голема мера и од успешното сузбивање на корупцијата. Ова го изјави за време на предавањето на донација во опрема за потребите на МВР и предупреди дека има многу работа. Притоа потсети дека во пристапниот процес кон ЕУ поглавјето за владеењето на правото е првото поглавје кое се отвора и последно се затвора.
„Во зависност од тоа колку брзо Северна Македонија ќе прави напредок на својот пат кон ЕУ зависи од тоа колку брзо ќе се спроведат реформите. И сите ние сме сложни дека тоа е особено тешка задача која претстои и тоа не се однесува само на политичарите, туку и на сите луѓе кои треба да сфатат дека кога ќе заминат на лекар дека не треба да остават некоја банкнота во неговиот мантил, или пак наставничката треба да знае дека не треба да добие подарок од ученикот за 8 Март за да има подобра оценка. И сите треба да научат, и најмалите и најголемите како се води борбата против корупцијата“, порача амбасадорката.
Министерот за внатрешни работи пак, Оливер Спасовски посочи дека во МВР нема простор за селективности за лицата кои прават прекршоци.
„И сами гледате во саботата кон недела имаше казнети пратеници и во Собрание, сакам да кажам дека апсолутно не може да стане збор за селективност и секој споделена информција во делот на кривичниот прогон би ни биле од голема корист“, рече Спасовски.
Критики за борбата со корупцијата во земјава изминативе недели стигнаа и од американската амбасадорка Ангела Агелер, како и од евроамбасадорот Дејвид Гир.
Најпрво изборот на новиот шеф на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција кој има лични познанства со челниците на ДУИ, беше причина за реакција на амбасадорката Агелер, бидејќи како што рече „САД потрошија милиони долари на обука на обвинители“ во правосудниот систем.
Набрзо потоа реагираше и евромбасадорот Дејвид Гир кој побара професионалност во институциите во случајот со доделувањето на македонско државјанство на Украинецот Олександар Онишченко, кој се наоѓа на црната листа на САД.