Бектеши не очекува поскапување на струјата за граѓаните во прв и втор блок

Електрична централа

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека Владата ќе биде посветена на тоа да нема зголемување на цената на струјата за домаќинствата во првите шест месеци од наредната година, со оглед на тоа што во јануари се прави редовната, шесмесечна корекција на цената на овој енергенс.

Тој појасни дека со оглед на зголемувањето на ДДВ, нема конечна одлука за цената за домаќинства, туку неа ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика.

Видете и ова: Термоелектраните на патерици – не произведуваат ни половина од можностите

„Има време уште три недели, во моментот кога информацијата ќе стигне во Владата, ќе ја известиме јавноста каква одлука донела владата. Одлуката ќе биде во интерес на граѓаните со цел да не плаќаат повисоки сметки во првите шест месеци од наредната година. За граѓаните кои се во прв и втор блок, што се мнозинство во државава, не очекуваме зголемување на цената за електрична енергија. Владата ќе одлучи за цената со која ЕСМ ќе продава до универзалниот снабдувач“, рече Бектеши.

Според него не е во ред некои домаќинства со повисоки приходи да плаќаат иста цена со оние со просечни приходи, а во време на криза да трошат повеќе и од некои големи компании односно над 30-40 мегавати месечно.

„Тие домаќинства ќе плаќаат согласно пазарните услови за електрична енергија, а зошто да не и дополнително со маржа од страна на ЕВН хоум и од страна на ЕСМ. А домаќинствата со просечни приходи во нашата држава, ќе плаќаат цена за електрична енергија како во моментов, што значи дека не би требало да биде поголема од 48 евра“, додаде Бектеши.

Засега нема најави за промена на блоковите во домаќинствата, а се разгледува можноста да се воведат блокови и за малите потрошувачи – микро и мали компании кои согласно законот можат да користат струја од регулиран пазар. До 20-25 декември ЕСМ ќе подготви информација со анализи и проекции, која Владата ќе ја разгледа на затворена седница, и согласно податоците Владата ќе одлучи за цената која ЕСМ ќе ја понуди за универзалниот снабдувач и ќе учествува во тендерската постапка, во овој случај на ЕВН хоум.