Претседателот на Србија, Александар Вучиќ потврди дека ќе оди во Тирана на Самитот на ЕУ и земјите од Западен Балкан. Во денешната изјава, Вучиќ рече дека не е сигурен дека ќе има некаква корист од неговото заминување во Тирана, но дека ќе има голема штета ако не оди.
„Можеби би покажал дека мојата суета е посилна и поголема, но секако дека би била голема штета за земјата, во поглед на привлекување инвестиции и се останато. На овој начин, без разлика што темата е Западен Балкан и што 20 од нив на неадекватен начин ќе почнат да зборуваат за санкции кон Русија и за проблемот со Косово, можеби моите колеги се во право кога велат дека е подобро да се слушне барем еден одговор отколку да не се слушне ништо“, рече Вучиќ.
Вучиќ пред неколку дена изјави дека никој од Србија нема да присуствува на состанокот поради одлуката на косовскиот премиер Албин Курти да го назначи Ненад Рашиќ за министер за заедници и враќање во Косово и поради реакцијата на ЕУ на таа одлука, која Белград ја оцени како блага.
Влезот на Рашиќ во косовската влада беше потврден помалку од еден месец откако српските претставници започнаа бојкот на институциите незадоволни од намерата на Приштина да започне процес на предрегистрација на возила со српски регистарски таблички.
Белград и Приштина со посредство на Европската унија (ЕУ) во меѓувреме постигнаа договор за надминување на кризата со регистарски таблички, но не и за откажување од бојкотот. Српските власти ја осудија одлуката на Рашиќ да биде дел од Владата на Косово.
Самитот во Тирана ќе се одржи утре, на 6 декември.