Малолетник од Скопје доби кривична пријава за сторено кривично дело „тероризам”, поради испраќање на една од лажните дојави за бомби во скопски училишта. Кривичната е поднесена од страна на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Како што појаснуваат од МВР, пријавениот малолетник инспириран од претходни објави за поставени бомби во неколку средни училиштата во Скопје, меѓу 26 октомври и 2 ноември годинава, на социјалните мрежи забележал дека пораките биле испратени преку конкретен провајдер, кој нуди криптирање и заштита на комуникацијата. Така, на 4 ноември од неговиот персонален компјутер, пристапувајќи на интернет мрежата на еден телекомуникациски оператор, креирал електронска адресата на конкретниот провајдер, преку која напишал заканувачка порака за поставени експлозиви во четири средни училишта.
Видете и ова: Спасовски: Има осомничени за дојавите за бомби во скопските училишта„Истиот ден, користејќи посебна апликација, преку неговиот мобилен телефон се поврзал на неговиот персонален компјутер и во 14:09 часот, од претходно креираната електронска адреса на службените електронски адреси на четирите средни училишта во Скопје, ја испратил горенаведената порака со заканувачка содржина“, информираат од МВР.
Од страна Единицата за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи при МВР, извршена е антитерористичка проверка на сите училишта кои што ја добиле порака, при што не се пронајдени експлозивни направи.
Од МВР појаснуваат дека при преземените мерки било утврдено дека електронската адреса на пријавеното лице била креирана на 4 ноември 2022 година во 11.17 часот од Ај-Пи адреса, за која од страна на телекомуникациски оператор се доставени податоци дека сопственик е Д.К.Ч. (43) од Скопје, мајка на кривично пријавеното малолетно лице.
По извршен претрес на 7 ноември, биле одземени десктоп компјутер, еден мобилен телефон и СИМ картичка, кои ги користел малолетникот, а од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика извршен бил преглед во електронските уреди кои ги користи кривично пријавениот. Истиот ден во ПСОН Карпош, во присуство на родител, инспектор за малолетници и семејно насилство од СВР Скопје и адвокат, извршен бил разговор со пријавениот малолетник, при што тој го признал делото и го појасни начинот на негово извршување.
Во изминатите два месеци имаше повеќе пријави за поставени бомби во скопски училишта, за кои полицијата утврди дека се лажни. Утрово пак околу седум часот во Полициска станица Кавадарци било пријавено дека на електронска адреса на пет училишта, две средни и три основни во Кавадарци била упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Како што соопштија од полицијата, пријавите се лажни.