Денеска Европската комисија предложи Акционен план за соработка со Западен Балкан за решавање на заедничките предизвици во однос на илегалната миграција. Предлогот е објавен ден пред самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана и три дена пред состанокот на министрите за правда и внатрешни работи на ЕУ кои треба да го усвојат. Акцискиот план за Западен Балкан идентификува 20 оперативни мерки за зајакнување на граничното управување долж мигрантските рути, брзи процедури за азил и поддршка на капацитетите за прифаќање, борба против криумчарењето мигранти, подобрување на соработката за реадмисија и враќање и постигнување хармонизација на визната политика.
Најголем дел од нелегалните влезови во ЕУ се преку Западен Балкан
Акцискиот план утврдува и голем број мерки за подобрување на поддршката за членките на ЕУ кои се соочуваат со зголемен прилив на миграција долж западнобалканската рута. Движењата долж рутата на Западен Балкан значително се зголемија оваа година поради голем број фактори, вклучително и економскиот притисок и несигурноста како резултат на тековните конфликти, соопшти Комисијата. Се додава дека неусогласувањето на безвизниот режим со визната политика на ЕУ придонесе за зголемување на бројот на луѓе кои директно доаѓаат во земјите од Западен Балкан со авиони и продолжуваат кон ЕУ. Кога станува збор за зајакнување на граничното управување по мигрантските рути, Комисијата потсети дека ЕУ веќе има склучено договори за новиот мандат на Фронтекс со Албанија, Црна Гора, Србија и Северна Македонија. Овие договори му овозможуваат на Фронтекс да распореди членови на Европската гранична и крајбрежна стража во заеднички операции во регионот.