Денеска стапи во сила ограничувањето на цените на Групата седум (Г7) на руската нафта со што Западот се обидува да ја ограничи способноста на Москва да ја финансира војната во Украина, иако Русија рече дека нема да се придржува до мерката дури и ако треба да го намали производство. Земјите од Г7 и Австралија во петокот договорија ограничување на цената од 60 долари за барел на руската сурова нафта, откако членките на Европската унија го надминаа отпорот од Полска. Русија е втор најголем извозник на нафта во светот.
За Русија ограничувањето на цената на нафтата е опасно
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека светот покажал слабост поставувајќи ја границата на тоа ниво, додека рускиот вицепремиер Александар Новак во неделата оцени дека тоа е грубо мешање што е во спротивност со правилата за слободната трговија. „Ние ќе им продаваме нафта и нафтени деривати само на оние земји кои ќе работат со нас под пазарни услови, дури и ако треба малку да го намалиме производството“, рече тој. Договорот на Г7 дозволува руската нафта да се испорачува до трети земји со користење на танкери на Г7 и ЕУ, осигурителни компании и кредитни институции, само доколку товарот е купен на или под границата од 60 долари за барел.