Приватните превозници, кои беа дел од јавниот автобуски превоз во Скопје, од 6 часот изутрината блокираат три крстосници во главниот град. Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека денеска поради најавено одржување на протестот, со почеток во 06.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје ќе преземат мерки за посебен режим на сообраќајот. Посебниот режим на сообраќај ќе биде воспоставен на бул. „Илинден“ – од Владата до крстосницата кај МИ-ДА во скопската општина Карпош 2, крстосницата кај Црвен Крст во центарот на градот од ул. „11 Октомври“ и бул.„ Кочо Рацин“, како и крстосницата од бул. „Гоце Делчев“ и бул. „Крсте Мисирков“ (Судска палата). Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот со цел безбедност на сите учесници во сообраќајот.
Јовановски: Ако не се расчисти долгот со приватните превозници, протестите продолжуваат
Протестот, како што информираа приватните превозници, е на неопределено време и ќе трае се до исполнување на нивните барања за исплата на долгот. Велат дека повеќе нема да бараат средби и очекуваат нив да ги контактираат за средби и за разговори. Ако тоа не се случи, најавија дека ќе останат на крстосниците во Скопје и за време на работни денови, викенди и празници. Превозниците бараат да им се исплати долгот од 1,3 милиони евра, што, како што велат, им го должи Јавното сообраќајно претпријатие, односно Град Скопје. Според „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ ЈСП и Град Скопје им должи околу 1,5 милиони евра. Во врска со информацијата за раскинување на договорот помеѓу Град Скопје и „Слобода Превоз“, од здружението на приватни автобуски превозници информираат дека ќе ја оспорат таквата одлука и ќе поведат спор пред надлежниот суд. Во минатата недела градоначалничката на Скопје Данела Арсовска посочи дека со новиот јавен повик за приватните автобуски превозници ќе може да се пријават тие што сакаат да работат и чесно да заработуваат. Првата блокада на приватните превозници се одржа на 28 ноември.