Скопје утре ќе биде блокирано од рано наутро

Протест на приватните автобуски превозници и блокада на булевар Илинден во Скопје, 2 декември 2022

Приватните превозници, кои беа дел од јавниот автобуски превоз во Скопје, утре од 6 часот наутро најавија дека ќе блокираат три крстосници во главниот град.

Превозниците бараат да им се исплати долгот од 1,3 милиони евра, што, како што велат, им го должи Јавното сообраќајно претпријатие, односно Град Скопје.

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека утре поради најавено одржување на протестот, со почеток во 06.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје ќе преземат мерки за посебен режим на сообраќајот.

Посебниот режим на сообраќај ќе биде воспоставен на бул. „Илинден“ – од Владата до крстосницата кај МИ-ДА во скопската општина Карпош 2. Пота че биде блокирана крстосницата кај Црвен Крст во центарот на градот од ул. „11 Октомври“ и бул.„ Кочо Рацин“, како и крстосницата од бул. „Гоце Делчев“ и бул. „Крсте Мисирков“ (Судска палата).

Видете и ова: Јовановски: Ако не се расчисти долгот со приватните превозници, протестите продолжуваат

Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот со цел безбедност на сите учесници во сообраќајот.

Првата блокада на приватните превозници се одржа на 28 ноември на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, кога околу 30 автобуси на „Слобода превоз“ и „Мак-експрес“ беа паркирани на булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, со барање „да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа“. Делумна блокада на Илинденска имаше и на 2 декември.