Откако државата ги реши егзистенцијалните прашања, се фокусира на борбата со корупцијата и наредните години се години на расчистување конечно со корупцијата на сите можни нивоа, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи од денешниот брифинг со новинарите.
„Нема општество целосно исчистено од ова зло, но земјата мора и тој дел да го помине за навистина да биде пример држава, не само во регионот, туку и пошироко“, рече Османи.
На засилена борбата против корупцијата повика новата американска амбасадорка во земјава Анџела Агелер. Таа рече дека иако земјата чекори по патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи напредокот.
Османи вели дека засилената антикорупциска борба е заедничка определба на Македонија и САД и дека земјава очекува сериозна поддршка за тоа.
„Сега веќе имаме два големи инструменти за следење на антикорупциските политики. Еден е скринингот и преговорите со ЕУ и САД преку стратешкиот дијалог и нивните инструменти, дали се тоа механизмите на внесување во црни листи или други јавни именувања или други начини на поддршка“, вели министерот Османи.
Османи повтори дека во рамки на стратешкиот дијалог САД досега дале 4,2 милиони евра само за поддршка антикорупциските политики.
Тој вели дека Северна Македонија има сериозен проблем со корупцијата на сите нивоа, не само на политичко.
Вчера премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција рече дека апсолутно се согласува со американската амбасадорка. Тој ги повика сите коишто се соочиле со одредени криминални, коруптивни пракси, веднаш да ги пријават кај сите надлежни институции.