Пекинг отвори повеќе од 100 таканаречени полициски станици во странство, ширум светот, за да ги следи, вознемирува и во некои случаи да ги враќа во Кина своите државјани кои живеат во егзил, користејќи билатерални безбедносни аранжмани постигнати со земјите во Европа и во Африка, се наведува во новиот извештај во кој Си Ен Ен имале увид.
Организацијата за човекови права „Заштитни бранители“ (Safeguard Defenders) со седиште во Мадрид, соопшти дека нашла докази дека Кина води дополнителни 48 полициски станици во странство, откако во септември објави постоење на 54 такви станици.
Во нивната нова објава насловена „Патролирај и убеди“, се испитува улогата што заедничките полициски иницијативи на Кина и неколку европски држави, меѓу кои Италија, Хрватска, Србија и Романија, ја имаа во експанзијата на кинеските полициски станици во странство.
Меѓу новите тврдења на организацијата се дека еден кинески државјанин бил принуден да се врати дома од оперативци кои тајно работеле во кинеска полициска станица во предградие на Париз. Претходно беше соопштено дека двајца Кинези биле насилно вратени дома од Србија и од Шпанија.
Организацијата тврди дека вакви полициски станици има во 53 држави ширум светот, но кинеските власти негираат дека имаат непријавени полициски станици надвор од кинеска територија. Тие велат дека се работи за административни центри кои треба да им помогнат на кинеските иселеници за прашања како обновување на возачките дозволи. Според нив, во пандемијата многу Кинези не можеле да ги обноват документите.
Непријавените конзуларни активности надвор од официјалните дипломатски претставништва се многу невообичаени и незаконски, освен ако земјата-домаќин не даде експлицитна согласност.