Иран денеска започна со изградба на нова нуклеарна централа во југозападниот дел на земјата, објави иранската државна телевизија, во услови на тензии со САД поради опсежните санкции воведени откако Вашингтон се повлече од нуклеарниот договор на Иран со светските сили.
Објавата доаѓа во момент кога Иран е потресен од силни антивладини протести кои започнаа по смртта на една млада девојка во полициски притвор.
За изградба на новата нуклеарна централа Карун од 300 мегавати ќе бидат потребни осум години и ќе чини околу 2 милијарди евра, објавија државните радио и телевизија. Централата ќе се гради во провинцијата Хузестан, богата со нафта, во близина на границата со Ирак, пренесува АП.
Иран има една нуклеарна централа во јужното пристаниште Бушер, која со руска помош беше пуштена во употреба во 2011 година, како и неколку подземни нуклеарни постројки.
Најавата за централата доаѓа на помалку од две недели откако Иран објави дека почнал да произведува збогатен ураниум со чистота од 60 проценти во подземната нуклеарна постројка Фордо. Ова се смета за значителен напредок во нуклеарната програма на земјата.
Збогатувањето на ураниум до 60 отсто се смета за чекор до нивото од 90 отсто потребно за производство на нуклеарно оружје. Експерти за ширење на нуклеарното вооружување во изминатите месеци предупредуваат дека Иран сега има доволно 60-процентно збогатен ураниум, кој може да се преработи во гориво за најмалку една атомска бомба.
Потегот беше осуден од Германија, Франција и Велика Британија, трите западни земји кои не се повлекоа од нуклеарниот договор. Неодамнешните обиди за заживување на договорот се во застој.
САД во 2018 година еднострано се повлекоа од нуклеарниот договор со Иран постигнат во 2015. Администрацијата на тогашниот претседател Доналд Трамп повторно воведе санкции против Техеран, а иранските власти почнаа да не ги почитуваат условите од договорот. Иран постојано негира дека се обидува да создаде нуклеарно оружје и инсистира дека неговата нуклеарна програма е цивилна.