За Русија ограничувањето на цената на нафтата е опасно

Русија порача дека и понатаму ќе наоѓа купувачи за својата нафта, и покрај, како што велат, „опасните“ обиди на западните влади да ја ограничат цената на руската нафта.

Од друга страна, од кабинетот на украинскиот претседател денеска соопштија дека ограничувањето ќе ја „уништи“ руската економија.

Андреј Јермак, шеф на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, на Телеграм порача дека ограничувањето од 30 долари „побрзо би ја уништило“ економијата на Русија.

Коалицијата на западни земји, предводени од групата Г7 економски најмоќни држави, вчера се договори да ја ограничи цената на руската нафта на 60 долари за барел за да ги ограничи приходите на Москва и да ја намали нејзината моќ да ја финансира војната во Украина.

Видете и ова: Ограничувањето на цената на нафтата ќе ги намали приходите на Русија


Рускиот претседател Владимир Путин и високи функционери на Кремљ повеќепати повторија дека нема да продаваат нафта во земјите кои го спроведуваат ограничувањето.

Руската амбасада во Соединетите Американски Држави денеска на Телеграм напиша дека се работи за „преобликување“ на принципите на слободниот пазар и истакна дека побарувачката за нафта ќе продолжи и покрај најавените мерки.

„Ваквите чекори неминовно ќе резултираат со зголемена несигурност и наметнување на повисоки цени за потрошувачите на сурови материјали“, наведе Амбасадата.

Ограничувањето на цената ќе им дозволи на земјите од Европската унија да увезуваат сурова руска нафта со танкери, но ќе им забрани на бродските и осигурителни компании да стопанисуваат со руска нафта ширум светот, освен ако не е продадена за цена пониска од договорениот лимит.

Цената на руската сурова нафта од типот Урал е променлива, но во изминатите денови се продаваше за околу 65 долари за барел.

Постои голем ризик за светскиот пазар на нафта од губењето на големи количини сурова нафта од Русија, вториот најголем производител во светот.

Тоа би можело да ги зголеми цените на бензинот ширум светот, што предизвика политички превирања во многу земји.

Европа веќе влезе во енергетска криза, а владите се соочуваат со протести поради зголемување на цените за живот. Земјите во развој се уште почувствителни на растот на трошоците.