Долгот што Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) го има кон приватните превозници треба да се подмири, но прво треба да се види колкав е реалниот долг, вели в.д директорот на ЈСП Александар Стојковски.
Реалниот долг ќе се знае откако ќе заврши увидот направен од Финансиската полиција и Управата за јавни приходи. Стојковски во интервју за МИА вели дека долгот го наследил кога стапил на функцијата пред шест месеци. Во меѓувреме, вели тој се плаќани сите доспеани фактури што биле доставени од приватните превозници.
Директорот на ЈСП ги отфрла како шпекулации информациите дека нема нафта за автобусите на ЈСП и тврди дека нема да има зголемување на цената на билетот без оглед на случувањата на глобално ниво со цената на нафтата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тврди дека автобусите на ЈСП се технички исправни и најавува нови вработувања за возачи поради тоа што дел од возачите се пензионирале.
Ветува и дека Скопјани ќе добијат бесплатен јавен превоз. Вели дека работите се ставени во мирување поради актуелната економска и енергетска криза, но дека се прават подготовки за да се реализира ветеното пред граѓаните на главниот град.
Во последните денови жителите на главниот град се жалат дека нема редовно автобуси и има многу гужви, оти приватните превозници не возат откако Град Скопје им ги раскина договорите. Приватниците се жалеа дека ЈСП и Град Скопје им должат пари. Автобусите на ЈСП ги преземаа и линиите што досега ги држеа приватниците. Директорот на ЈСП вели дека се прават подготовки да се воведе нов возен ред.