Ограничувањето на цената на нафтата ќе ги намали приходите на Русија

Логот на руската државна нафтена компанија Роснефт

Договорената граница на цената на руската сурова нафта од 60 долари за барел од страна на Европската унија (ЕУ) ќе ги одржи глобалните пазари добро снабдени, додека ги „институционализира“ попустите што се прават под закана од таквото ограничување, изјави висок претставник на американското Министерство за финансии.

Претставникот, зборувајќи со новинарите неколку часа откако европските влади ја убедија Полска да се согласи да го прифати ограничувањето, рече дека овој потег ќе ги ограничи приходите на Москва од нафтата и ќе ѝ ускрати милијарди долари кои би ги потрошила за војната во Украина.

„Со поставувањето на цената на 60 долари за барел, ние го институционализираме големиот попуст по кој Путин беше принуден да ја продава руската нафта, попуст што постои делумно и поради заканата за ограничување на цената, што ја принуди Русија да нуди попусти на земјите увознички“, рече тој.

Видете и ова: Унгарија доби изземање од предложеното ограничување на цената на руската нафта


Американската министерка за финансии Џенет Јелен, во одделна изјава, рече дека ограничувањето на цената дополнително ќе ги ограничи приходите на рускиот претседател Путин.

„Со оглед на тоа што руската економија веќе се намалува и нејзиниот буџет се намалува, ограничувањето на цената веднаш ќе го намали најважниот извор на приходи на Путин“, рече таа.