Асанж се жали во Стразбур поради екстрадицијата во САД

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, кој се бори против екстрадиција од Велика Британија во Соединетите Држави, каде што се бара со кривична пријава, поднел жалба до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, потврди судот во петокот, објави Ројтерс.

Американските власти го бараат Асанж (51) по 18 обвиненија, вклучително и шпионажа, во врска со објавувањето доверливи американски воени досиеја и дипломатски телеграми за кои Вашингтон рече дека ги загрозуваат животите на Американците.

Британија даде зелено светло за негова екстрадиција, но тој поднесе жалба до Високиот суд во Лондон, а првото рочиште се очекува на почетокот на следната година.

Неговиот правен тим, исто така, покрена постапка против Велика Британија пред судот во Стразбур што потенцијално би можела да ја блокира екстрадицијата.

„Потврдуваме дека барањето е пристигнато“, се вели во соопштението на судот.

Во јануари 2021 година, британски судија пресуди дека Асанж не треба да биде екстрадиран, велејќи дека неговото ментално здравје значи дека ќе биде изложен на ризик од самоубиство доколку биде осуден или биде задржан во затвор со максимална безбедност.

Видете и ова: Се отвора можност Асанж да биде екстрадиран во САД

Но, таа одлука беше поништена по жалбата на американските власти кои понудија пакет гаранции, вклучително и ветување дека тој може да биде префрлен во Австралија за да ја отслужи казната.

Викиликс првпат стана познат во 2010 година кога објави стотици илјади строго доверливи досиеја и дипломатски телеграми, што е најголемото безбедносно нарушување од ваков вид во историјата на американската војска.

Асанж, кој е роден во Австралија, американските обвинители и западните безбедносни службеници го сметаат за несовесен непријател на државата чии постапки ги загрозиле животите на агентите именувани во објавениот материјал.