Приватните превозници се спремни да почнат со вршење на превозот оној момент кога ќе им биде расчистен долгот, односно барем некој дел од долгот за да може да се надмине целата оваа ситуација, изјави денеска директорот на „Слобода првоз“, Ленин Јовановски.
Јовановски информираше дека на денешните средби со претставниците на приватните превозници разговарале за можните решенија.
„Предлагаме советот на Град Скопје да одобри средства за Јавното сообраќајно претпријатие кои ќе бидат во функција, да ЈСП се раздолжи со приватните превозници. Не мора да е тоа 100 процентно раздолжување, ќе го почекаме, за дваесетина дена можеби ќе се изгласа новиот буџет од кој што ќе се раздолжи целокупниот долг, меѓутоа, да се исплати поголем дел од долгот и до донесување на буџетот да се сервисираат трошоците на приватните превозници онака како што е превидено во самиот договор“, изјави Јовановски.
Директорот посочи дека доколку добијат некакви сигнали, одговор и решение, на нивниот предлог предлог, тогаш можеби ќе престанат и протестите.
„Во спротивно, оној протест кој што е најавен како помасовна блокада на Градот Скопје, кај Мавровка, Црвен Крст и Булеварот „Илинденска“ ќе се реализира во понеделник“, рече тој.
Видете и ова: Скопскиот автобуски превоз како кула од картиОд Град Скопје вчера соопштија дека го прекинуваат договорот со приватните превозници од „Слобода превоз“ поради неисполнување на обврски што произлегуваат од договорот. Од Градот апелираа до превозниците да ја ревидираат одлуката за блокада на Скопје, бидејќи, како што велат, со тоа нема да постигнат решение за проблемот. Јовановски, од друга страна, соопшти дека не добиле никаков документ.
Од Градот, исто така, најавија дека од следна недела ќе биде објавен јавен повик на кој ќе можат да се пријават сите приватни превозници, со цел поголема транспарентност на процесот и полесно разрешување на потенцијални проблеми.
Првата блокада на приватните превозници се одржа на 28 ноември на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, кога околу 30 автобуси на „Слобода превоз“ и „Мак-експрес“ беа паркирани на булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, со барање „да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа“