Шолц побарал од Путин да ги повлече војниците од Украина како услов за преговори

Германскиот канцелар Олаф Шолц

Германскиот канцелар Олаф Шолц побарал од рускиот претседател Владимир Путин да ги повлече војниците од Украина со цел да се постигне „дипломатско решение“ за војната што започна со инвазијата на Москва на 24 февруари.

За време на едночасовниот телефонски разговор меѓу двајцата лидери, Шолц ги осудил руските воздушни напади врз цивилната инфраструктура во Украина и ја подвлекол решеноста на Германија да ја поддржи Украина за да ја обезбеди нејзината одбрана од руската агресија.

„Германија е решена да продолжи да ја поддржува Украина против руската агресија“, изјави портпаролот на германската влада Штефен Хебестрајт.

Шолц го повика Путин да ги повлече руските трупи што е можно поскоро, но рускиот претседател го искористи повикот за да ја осуди „деструктивната линија“ на Западот кон Украина, велејќи дека ударите врз енергетската инфраструктура на Украина се „неопходни и неизбежни“.

Видете и ова: Кремљ: Путин е отворен за разговори за Украина

„Беше истакнато дека руските вооружени сили долго време избегнуваа ракетни напади со висока прецизност врз одредени цели во Украина, но таквите мерки станаа неопходни и неизбежни во услови на провокативни напади од Киев“, се вели во соопштението на Кремљ по првата телефонски разговор меѓу Шолц и Путин од средината на септември.

Москва ги засили нападите на електричната мрежа на Украина во последните неколку недели, оставајќи милиони луѓе на студ и во темнина како што се приближува зимата.

„Путин е отворен за преговори за можно решение на ситуацијата во Украина, но одбивањето на САД да ги признаат анектираните територии како руски ја попречува можноста за каков било потенцијален компромис“, се додава во соопштението од Кремљ.

Американскиот претседател Џо Бајден на 1 декември рече дека е подготвен да разговара со Путин доколку се изрази добрата волја на Кремљ да се најде начин да се стави крај на војната, но дека Путин се уште не го навестил тоа.