Извештајот на Министерството за внатрешни работи во врска со преносот на затворената седница во Собранието на која директорот на АНБ Виктор Димовски даваше отчет за случајот „Онишченко“ е подготвен и доставен до Собранието, информира денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на прашање по посетата на СВР Скопје.
„Постапката за одземање на државјанството е од органот што го издава државјанството и тоа е во рамките на Владата. По однос на извештајот подготвен е извештајот и доставен до Собранието за тоа што се случило и се преземаат понатаму мерки во тој дел“, рече Спасовски.
Инаку, затворената седница на која Димовски презентираше доверливи документи, се емитуваше во живо на Јутјуб на Собранискиот канал, по што собранискиот спикер Талат Џафери побара да се испита случајот.
Видете и ова: Димовски на владина седница треба да реферира за пасошот на ОнишченкоДиректорот на АНБ Димовски по сослушувањето во Собрание, изјави дека е лоцирано лице кое не го испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО партнерите пред да се даде позитивно мислење за државјанство за Онишченко.
Во меѓувреме Владата побара да се започнат активности за поништување на решението за прием во државјанство на Северна Македонија за лицето Олександер Онишченко.
Украинскиот државјанин Онишченко кој се наоѓа на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, доби македонско државјанство како спортист во еквестријан на предлог на Коњичката федерација. Одлуката за доделување македонско државјанство на Онишченко ја донесе Владата, по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.