Рускиот претседател Владимир Путин е отворен за разговори за можно решение во Украина, но одбивањето на САД да ги признаат анектираните територии како руски го попречува барањето за каков било потенцијален компромис, соопшти во петокот Кремљ. Американскиот претседател Џо Бајден вчера рече дека е подготвен да разговара со Путин доколку шефот на Кремљ бара начин да стави крај на војната, но дека Путин сè уште не го посочил тоа. „Претседателот на Руската Федерација отсекогаш бил, е и останува отворен за преговори со цел да ги обезбедиме нашите интереси“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков на прашањето за забелешките на Бајден.
Лавров: ОБСЕ е приватизирана од Западот
„Најпожелен начин да ги постигнеме нашите интереси е преку мирни, дипломатски средства. Путин беше, е и останува отворен за контакти и преговори“, рече Песков. Путин вели дека не жали што ја започна, како што ја нарекува, „специјалната воена операција“ на Русија против Украина и ја опишува војната како пресуден момент кога Русија конечно се спротивстави на арогантната западна хегемонија по децении понижување во годините по падот на Советскиот сојуз во 1991 година. Украина и Западот велат дека Путин нема оправдување за она што тие го нарекуваат окупациска војна во империјален стил. Украина вели дека ќе се бори се додека последниот руски војник не биде исфрлен од нејзина територија.