Хил: Се надеваме дека Србија ќе разбере дека ова е поинаква Русија

Амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил

Амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил, изјави дека денешна Русија е „поинаква“ од онаа во минатото, дека Европејците и Американците го разбираат тоа и оти се надева дека Србија ќе го разбере тоа и ќе воведе санкции против Москва поради инвазијата врз Украина. Хил синоќа во програмата „Интервју“ на телевизијата „Инсајдер“ го отфрли тврдењето дека Србија е под „огромен притисок“ затоа што не вовела санкции кон Русија и додаде дека дел од нејзиниот пат кон ЕУ е и усогласувањето на надворешната политика.

Брисел е длабоко загрижен поради неусогласувањето на Србија со надворешната политика на ЕУ

„Не верувам дека има огромен притисок врз Србија. На Србија неколкупати учтиво и беше кажано дека треба да воведе санкции, некои беа построги од другите, но постои разбирање дека Србија е во посебна ситуација“, додаде Хил. Зборувајќи за тоа дека Србија е речиси целосно зависна од Русија кога е во прашање снабдувањето со гас, Хил рече дека треба да се направат напори да се најдат други извори на енергенси.