Приватните превозници денеска од 6 часот, како што најавија вчера, ја блокираат десната лента на булеварот Илинденска од почетокот на Влада до раскрсницата кај Мида. „Засега не можеме да кажеме до кога автобусите ќе бидат поставени таму. Не знаме дали ќе бидат за време на викендот“, изјавија вчера организаторите на блокадата кои велат доколку не се најде решение е планирано в понеделник да се блокираат крстосниците кај Мавровка, кај Црвен крст и булеварот Илинденска. Според „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ ЈСП и Град Скопје им должи околу 1,5 милиони евра.
Скопскиот автобуски превоз како кула од карти
Во врска со информацијата за раскинување на договорот помеѓу Град Скопје и „Слобода Превоз“, од здружението на приватни автобуски превозници информираат дека ќе ја оспорат таквата одлука и ќе поведат спор пред надлежниот суд. „Што се однесува до вториот дел од соопштението на Град Скопје, уште еднаш повикуваме да не се изнесуваат лаги и невистини во јавноста и да се знае дека „Слобода Превоз“ не протестира и не блокира сообраќајници. Протестите и блокадите се од страна на сите приватни превозници, кои се учесници во јавниот линиски превоз во Град Скопје, тоа се оние на кои ЈСП им должи пари, а Градот ги исклучува од превозот одземајќи им ги стекнатите права преку кои остваруваа приходи за егзистенција, се нагласува во соопштението од „Слобода превоз“.
Пенов гледа политичка позадина во протестите на приватните превозници
„Не се преговара со луѓе што уценуваат и навредуваат и кои тоа го прават зашто вистината не е на нивна страна. Нема да се подлегне на закани и уцени“, изјави деновиве градоначалничката на Скопје Данела Арсовска за тоа дали ќе има договор со приватните превозници кои дадоа рок до петок или повторно ќе го блокираат сообраќајот во главниот град. Таа посочи дека со новиот јавен повик за приватните автобуски превозници, кој го најави Град Скопје, ќе може да се пријават тие што сакаат да работат и чесно да заработуваат. Сличен протест превозниците организираа и во понеделникот кога на крстосницата пред ТЦ „Мавровка“ паркираа 30 автобуси кои беа повлечени истиот ден поради посетата на висока германска делегација.