ССМ: Околу 30 вработени во „Дрисла“ го блокираат влезот во депонијата

Архивска Фотографија

Вработени во скопската депонијата „Дрисла“ го блокираат влезот во депонијата во знак на револт поради информацијата дека во следниот период ќе има отпуштања на вработените, велат од Сојузот на Синдикатите. Во нивната објава на социјалната мрежа Фејсбук е наведено дека засега на протестот се излезени 30 вработени на кои не им е продолжен договорот за работа.

„„Дрисла“ е блокирана од работниците, сакаат да отпуштат 30 работници, т.е. да не им ги продолжат договорите. Само што ни јавија дека ја блокирале капијата на „Дрисла“, пишува во постот на ССМ.

Од ССМ дополнуваат дека станува збор за 30 општи работници на кои како што велат, без никакво образложение не им биле продолжени договорите за работа, па во знак на револт тие не дозволуваат никој да влезе, ниту да излезе од депонијата, односно вработените го блокираат влезот на влезната капија. Со нив на протестот биле и синдикални претставници од Синдикатот СУТКОЗ при ССМ.

„Борбата на работниците и синдикалците од СУТКОЗ и ССМ, после немилите случувања во јавните претпријатија „Комунална хигиена“, каде на повеќе од стотина работници не им беа продолжени договорите за работа и во „Водовод и канализација“, каде вработените се пред штрајк, се пренесува во сите скопски јавни претпријатија, поради тоа што работниците се загрозени од лошото менаџирање на Градот Скопје, па доколку ова продолжи, можен е целосен колапс во јавните претпријатија со кои менаџира градоначалничката Арсовска“, наведуваат од ССМ.

Во нивната објава не е наведено до кога ќе трае блокадата на влезот на депонијата.

На 28 септември неколку скопски претпријатија добија нови времени директори откако претходните кои доаѓаа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ си поднесоа оставки. По нивното назначување од градот Скопје, градоначалничката Арсовска изјави дека од нив се очекува во следните шест месеци да ги спроведат неопходните реформи за да се консолидираат претпијатијата за да може да се справат со економската и енергетската криза.

Тие ќе треба да штедат, да намалат трошоци и да не дозволат луѓе кои не одат на работа или не ги извршуваат работните обврски да бидат платени од буџетските средства, беше наведено во соопштението од Град Скопје.