Од Илинденска до Катар

МАКЕДОНИЈА - Имаме веќе лица кои се осомничени за лажните дојави за поставени бомби во училишта и веднаш по потврдувањето на овие факти ќе работиме заедно со Обвинителството, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

МАКЕДОНИЈА - Се укинува концептот на прогресивно оданочување што требаше да стартува од први јануари и продолжува примената на оданочување на остварениот доход со единствена стапка од 10 отсто. Ова го изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, на прес-конференција за Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025). Ковачевски најави поправеден даночен систем и еднаков третман на сите даночни обврзници, но и данок на екстра профит за големите компании.

ЧЕШКА - Талибанците денеска ја отстранија програмата на Радио Слободна Европа/Радио Слобода (РСЕ/РЛ) од мрежите за пренос на радио во Авганистан. РСЕ ја осуди одлуката на владата во Авганистан предводена од Талибанците да го прекине емитувањето во 13 авганистански градови и најави дека ќе продолжи да емитува програма надвор од земјата и покрај потегот. Претседателот и извршен директор на РСЕ, Џејми Флај изјави дека Радио Азади е спас за десетици милиони Авганистанци, што ја прави одлуката на Талибанците уште потрагична.

САД - Одлуката за формирање Заедница на српски општини (ЗСО) на Косово ќе биде спроведена. Ова го изјави денеска специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар на онлајн-конференција организирана од Атлантскиот совет. Тој изјави дека тоа е една од обврските во рамките на дијалогот меѓу Србија и Косово под покровителство на Европската унија (ЕУ).

РУСИЈА - Рускиот државен производител на гас „Гаспром“ ја повлече заканата за намалување на испораките на гас за Молдавија од 28 ноември, но рече дека го задржува правото да ги намали или запре протокот во иднина доколку Молдавија не ги изврши договорените плаќања, јавува новинската агенција Ројтерс.

МАКЕДОНИЈА - Недела ќе остане неработен ден, пресече денеска Уставниот суд. Судиите ја отфрлија иницијативата на Стопанската комора која го оспоруваше законот во кој се уредува правото на работниците да не се работи во недела, освен во дејностите кои се исклучок. Според Уставниот суд неосновани се наводите на Комората.

ЕУ - Европската унија е длабоко загрижена поради назадувањето на Србија во однос на усогласувањето со европската надворешна политика, се наведува во нацрт-заклучоците што треба да бидат усвоени на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ во декември 13 „Советот (ЕУ) длабоко жали за назадувањето на Србија во усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, особено поради неусогласувањето со санкциите на ЕУ против Русија и Белорусија, како и нејзините надворешнополитички дејствија спротивни на заедничкиот пристап на ЕУ“, стои во текстот во кој увид имаше Радио слободна Европа (РСЕ).

КАТАР - ФИФА даде дозвола за истакнување на транспаренти за поддршка на протестите во Иран и на предмети со бои на виножито на фудбалскиот турнир на Светското првенство во Катар - откако оваа земја од Блискиот Исток беше елиминирана од натпреварувањето. Од почетокот на Светското првенство на 20 ноември, персоналот за обезбедување на стадионот организиран од катарските власти конфискуваше предмети со бои на виножитото и слогани како „Жени. Живот. Слобода“.

РУСИЈА - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека се акумулирани големи проблеми во Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), обвинувајќи го Западот дека ја отфрла шансата чуварот на европската безбедност да го направи вистински мост со Русија по Студената војна.

РУСИЈА - Денеска на сила стапи рускиот закон кој ја проширува дефиницијата за таканаречените „странски агенти“, за кој групите за човекови права велат дека ќе ѝ олесни на државата да ги таргетира своите домашни критичари во време кога Кремљ го сузбива несогласувањето поради војната во Украина. Новиот закон, потпишан од претседателот Владимир Путин во јули им дозволува на службениците да го вклучат во регистарот на „странски агенти“ секој што е „под странско влијание“.

СРБИЈА - Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ, денеска изјави дека визната либерализација за Косово е лоша порака за Белград и оцени дека „Приштина постојано се наградува за нејзините неконструктивни и еднострани потези, додека им се заканува на оние кои се коректни како Србија“.