Одлуката за формирање Заедница на српски општини (ЗСО) на Косово ќе биде спроведена. Ова го изјави денеска специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар на онлајн-конференција организирана од Атлантскиот совет.
Тој изјави дека тоа е една од обврските во рамките на дијалогот меѓу Србија и Косово под покровителство на Европската унија (ЕУ).
„Тоа е правно обврзувачка одредба. Тоа е правно обврзувачко за Србија, за Косово и за ЕУ, и токму затоа што го поддржуваме дијалогот, тоа е и наша обврска. Така да, треба да се спроведе и ќе се спроведе“, изјави Ескобар.
Тој рече дека се надева оти Владата во Приштина „ќе го гледа тоа како можност“ и посочи дека во Европа постојат модели кои овозможуваат колективни права на малцинствата.
Ескобар ја истакна поддршката на САД за Косово, велејќи дека нема земја во светот која го поддржува Косово повеќе од САД. Тој се осврна на критиките од Приштина дека се врши притисок врз Косово, а во исто време се спроведува политика за задоволување на Белград.
Формирањето на ЗСО беше договорено со Бриселскиот договор меѓу Белград и Приштина од 2013 година, но актуелниот премиер на Косово, Албин Курти, смета дека општините не можат да се организираат според етнички принципи.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, е на мислење дека формирањето на ЗСО е услов за враќање на српските претставници во косовските институции, додека премиерот на Косово, Албин Курти изјави дека враќањето на Србите за институциите не може да биде политичко, туку правно и уставно прашање.
За улогата на САД во дијалогот и преземањето на водечка улога Ескобар зборуваше и за неодамнешниот договор меѓу Србија и Косово за регистарските таблички и улогата на САД во преговарачкиот процес.
„Сметам дека договорот постигнат од Србија и Косово за регистарските таблички минатата недела е важен за намалување на тензиите. Нашиот став отсекогаш бил дека наместо да работиме на поединечни прашања кои создаваат тензии, сите овие прашања да бидат дел од дијалогот спонзориран од ЕУ. “, рече Ескобар.
Ескобар истакна дека смета оти дијалогот треба да се води во ЕУ, имајќи предвид дека сите земји од регионот имаат аспирации за членство во ЕУ.
На прашањето дали има рок Србија и Косово да постигнат договор за нормализација, Ескобар рече дека би било добро да се постигне договор „што е можно поскоро“.
„Замрзнат конфликт никому не му одговара“, рече Ескобар.