Евакуирани осум скопски училишта по дојави за поставена бомба

Во осум скопски средни училишта денеска се евакуирани ученици поради нови дојави за поставени бомби. За прв пат пристигнала и дојава за поставена бомба во основното училиште “Петар поп Арсов”. Основното училиште во Карпош е евакуирано, а како и во останатите училишта, полицијата врши проверки.

„На 01.12.2022 година околу 15:20 часот добиена е пријава и од едно основно училиште дека на електронската адреса на училиштето стигнала закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за раасчистување на случајот“, се вели во соопштението на МВР.

Дојавите за поставени бомби биле испратени на електронските пошти на средните училиштата „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“, „Панче Арсовски“, „Никола Карев“, „Владо Тасевски“, „Михајло Пупин“ и „Цветан Димов“.

Од МВР велат дека веднаш по добиените пријави се преземени мерки за евакуација на училиштата.

„Во тек се и антитерористичките проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Видете и ова: МВР анализира - зошто заканите со бомби се само во една смена во три работни дена

Денешните дојави за поставени бомби во дел од скопските училишта следуваат по пауза од две недели. Последниот пат кога училиштата во главниот град добија закани за поставени експлозиви во своите објекти беше на 16 ноември. Тогаш се утврди дека сите седум дојави за поставени бомби во скопските училишта се лажни.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, неодамна запрашан дали има симболика тоа што дојавите на бомби се случуваат само во среда, четврток и петок, рече дека не само што се случуваат во последните три дена во работната недела туку дека тие се случуваат кога наставата ја следи една иста смена со ист наставен кадар.