Претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, денеска ќе допатува во дводневна официјална посета на Тирана, каде што ќе пристигне по посетата во Скопје. Ова е прва посета на германски претседател на Република Албанија по 27 години. Со сите државнички почести ќе биде дочекан од неговиот домаќин, албанскиот претседател Бајрам Бегај. Според официјалното соопштение од претседателскиот кабинет „посетата претставува дополнителен сигнал за поддршка од Германија за европската иднина на земја“. „Во фокусот на посетата е ситуацијата во регионот, ефектите од војната на руската агресија во Украина и континуираната поддршка на Германија за членството на земјата во Европската унија“, пренесуваат медиумите дел од соопштението на кабинетот на германскиот претседател. Штајнмаер ќе се сретне и со премиерот Еди Рама, ќе има обраќање во албанскиот парламент.
Штајнмаер: За патот кон ЕУ вреди и следниот тежок чекор
Во пресрет на посетата на Албанија и на Северна Македонија Штајнмаер за Дојче веле изјави дека достигнувањата на Северна Македонија и Албанија заслужуваат признание и почит. Меѓу другото, тој рече дека посетата има за цел да ја пренесе пораката дека Германија не го заборава Западен Балкан. Според истиот извор ова е првпат германскиот претседател официјално да ги посети Албанија и Северна Македонија, откако ја презеде функцијата на 19 март 2017 година.