Зеленски, Харадинај, Пеле...

УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски го покани американскиот милијардер Илон Маск да ја посети Украина за да ја види штетата што руската армија и ја нанела на таа земја, пишува Њујорк Тајмс.
Таквата посета може да му помогне на бизнисменот да ја разбере ситуацијата пред за неа да дава изјави за тоа, рече Зеленски.

МАКЕДОНИЈА - Агенцијата за азил на Европската унија (ЕУАА) објави дека бројот на луѓе кои бараат азил во Европа достигнал максимум во последните шест години и дека сириските граѓани се оние кои најмногу бараат меѓународна заштита. Агенцијата наведува дека во септември биле поднесени околу 98.000 барања за азил во 27-те земји членки на ЕУ, како и во Норвешка и Швајцарија, колективно познати како ЕУ+.

БРАЗИЛ - Славниот бразилски фудбалер Пеле е хоспитализиран во Сао Паоло за да му бидат регулирани лековите кои ги користи во борбата против туморите на дебелото црево, потврди неговата ќерка Кели Насименто-Делука. Таа на Инстаграм напиша дека нема „ништо алармантно“ за здравјето на нејзиниот 82-годишен татко, откако веста се појави во медиумите. На Пеле му беше отстранет туморот во септември 2021 година, по што почна со хемотерапија.

ИРАН - Безбедносните сили на Иран убиле маж на северот на земјата, на собир на антивладини демонстранти кои јавно ја прославувале елиминацијата на фудбалската репрезентација од Светското првенство.
Според извештаите, активистите велат дека 27-годишниот Мехран Самак бил застрелан во главата откако денеска свирел во својот автомобил во Бандар Анзали.

ШПАНИЈА - Шпанската полиција соопшти дека дошло до експлозија во украинската амбасада во Мадрид.
Според извештаите, работник во амбасадата бил повреден при отворање на писмо-бомба. Во соопштението се додава дека тој се здобил со полесни повреди и бил пренесен во болница.
Писмото, кое пристигнало по обична пошта и не било скенирано, предизвикало „многу мала рана на десната рака“ на вработениот, изјави Мерцедес Гонзалес, претставничка на шпанската влада во Мадрид.

ЕУ - Европската комисија (ЕК) предложи да останат блокирани милијарди евра од фондовите на ЕУ доделени за Унгарија, поради неуспехот на владата на премиерот Виктор Орбан да спроведе кредибилни реформи во владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Комисијата во септември соопшти дека ЕУ треба да замрзне околу 7,5 милијарди евра од редовното финансирање на Унгарија поради загриженоста за демократското назадување и можното лошо управување со парите на ЕУ.

МАКЕДОНИЈА - Затворска казна од вкупно 52 години добија тројцата обвинети за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот.
Судечкиот совет при Основниот кривичен суд Скопје ги прогласи за виновни обвинетите Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Левковска кои добија казна затвор од по 18 години, додека на обвинетиот Андреј Костовски му беше изречена казна од 16 години затвор за сторено кривично дело „убиство“.

БЕЛГИЈА - Министрите за надворешни работи на членките на НАТО се согласија да ја зголемат поддршката за Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, изјави денеска во Букурешт генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.

КОСОВО - Опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК) денеска побара од државното раководство да започне дијалог со косовските Срби за нивно враќање на работните места, откако на почетокот на месецов поднесоа оставки поради проблемите со регистерските таблички. Лидерот на ААК, Рамуш Харадинај, претставувајќи во Собранието резолуција за состојбата во земјата по тензиите поради табличките, предложи и да се побара неколкудневен самит во САД, што би требало да резултира со меѓусебно признавање на Косово и Србија.

САД - Основачот на ултрадесничарската група „Чувари на заклетвата“ Стјуарт Роудс е осуден за организирање заговор за поништување на победата на демократот Џо Бајден во претседателските избори во САД. Поротата во Вашингтон синоќа го прогласи Роудс за виновен во речиси двомесечното судење кое ги откри напорите на екстремно десничарската група по секоја цена да го задржи републиканецот Доналд Трамп во Белата куќа.