Европската комисија (ЕК) предложи да останат блокирани милијарди евра од фондовите на ЕУ доделени за Унгарија, поради неуспехот на владата на премиерот Виктор Орбан да спроведе кредибилни реформи во владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Комисијата во септември соопшти дека ЕУ треба да замрзне околу 7,5 милијарди евра од редовното финансирање на Унгарија поради загриженоста за демократското назадување и можното лошо управување со парите на ЕУ.
Будимпешта се согласи за 17 антикорупциски мерки, вклучително и создавање на работна група за борба против корупцијата и промени во правилата за јавни набавки, но комисијата верува дека не направила доволно за да ги реши проблемите.
„Комисијата смета дека, без оглед на преземените чекори, сè уште постои ризик за буџетот на ЕУ, имајќи предвид дека корективните мерки што допрва треба да се исполнат се од структурна и хоризонтална природа“, објави ЕУ на 30 ноември.
Видете и ова: Унгарија доби изземање од предложеното ограничување на цената на руската нафтаПарите може да се замрзнат според неодамна усвоениот механизам за условување кој му дозволува на блокот да преземе мерки за заштита на својот буџет.
Европскиот совет, кој ги претставува земјите членки, има рок до 19 декември да донесе одлука врз основа на предлогот на комисијата.
Унгарската десничарска популистичка влада предизвика антагонизација на претставниците на ЕУ со нејзините постојани критики за санкциите на ЕУ насочени кон Русија поради нејзината војна во Украина.
Орбан, кој е близок до рускиот претседател Владимир Путин, продолжува да ги блокира клучните одлуки на ЕУ како што се исплатата на 18 милијарди евра финансиска помош за Украина и глобалниот даночен договор.