Затворска казна од вкупно 52 години добија тројцата обвинети за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот.
Судечкиот совет при Основниот кривичен суд Скопје ги прогласи за виновни обвинетите Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Левковска кои добија казна затвор од по 18 години, додека на обвинетиот Андреј Костовски му беше изречена казна од 16 години затвор за сторено кривично дело „убиство“.
Судијката Весна Илиевска Јосифовиќ рече дека со овие казни судот смета дека во доволна мера ќе влијае на обвинетите во иднина да не се јават како сторители на кривични дела.
„А, воедно ќе се влијае и на планот на генералната превенција во смисла на член 32 од Кривичниот законик“, рече таа.
Обвинетите се товараеа дека на 7 април оваа година, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го убиле ракометарот Денис Тот.
Видете и ова: Лекари од КАРИЛ сведоци во суд за убиството на ракометарот ТотПресудата не е правосилна, а одбрната на обвинетите најави жалба на пресудата.
Адвокатот на Ѓорѓиевски изјави дека не постоела умисла за делото кај обинетите и дека ќе поднесат жалба.
Жалба најави и адвокатот на Лефковска, кој рече дека од нејзиниот удар не настапила смрт кај ракометарот.
„Во никој случај во ова кривично дело не постои убиство. Да, има преземено одредени дејствија, удар, меѓутоа од нејзиниот удар нема настанато смрт во никој случај“, рече адвокатот.
На судењето судијката Илиевска Јосифовиќ рече дека при одлучување за видот и одмерување на висината на кривичната санкција, Судот ги имал предвид сите отежнувачки и олеснувачки околности.
Како отежнувачки околности за сите тројца обвинети судот ги имал предвид степенот на кривичната одговорност, повредата на заштитното добро изразено преку настапената последица на млад човек пред кој бил животниот пат на остварување на личен и професионален план е лишен од живот, рече Илиевска Јосифовиќ.
Покрај овие отежнувачки околности, за обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски и обвинетата Клементина Левковска судот го имал предвид и нивниот поголем придонес во извршување на кривичното дело.
Како отежнувачки околности Судот го ценел и однесувањето на тројцата обвинети по стореното дело, бидејќи пред екипата на итна медицинска помош не пријавиле дека тие му задале удари на Тот, ниту во кој предел од телото, а дека настанот вечерта исто така не го пријавиле во полиција.
Како олеснувачки околности Судот ги ценел околностите што обвинетите се млади, невработени и неосудувани лица, кои што изразиле жалење за настанот.