Претседателот на Сојузна Република Германија Франк-Валтер Штајнмајер кој од вчера престојува во дводневна официјална посета на Северна Македонија денеска во Чифте амам ќе се сретне со филмската екипа на филмот „Медена земја“. Тој во попладневните часови ќе ги посети ветерниот парк во Богданци и германската компанија Дрекселмајер во Кавадарци. Вчера Штајнмајер кој е во прва посета на Република Северна Македонија разговараше со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Димитар Ковачевски, а се обрати и во Собранието.
Штајнмаер: За патот кон ЕУ вреди и следниот тежок чекор
Притоа тој порача дека Македонија се наоѓа пред една важна одлука дали преку претстојната промена на Уставот ќе го отвори патот за отворање на поглавјата во поединечни области како на пример економската политика или владеење на правото. „Мојата молба е – не ја губете долгогодишната цел, тоа што е стремеж 17 години, пристапувањето кон ЕУ. Сигурен сум – за патот кон Европа вреди и следниот тежок чекор“, рече Штајнмаер. Тој, денеска од Македонија заминува во посета на соседна Албанија.