Од Бајден и Путин до Ванчо Михајлов

САД - Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, рече дека обезбедувањето средства за Украина и за ковид-19 се негови приоритети пред републиканците да ја преземат контролата врз Претставничкиот дом на почетокот на следната година.

САД - Твитер ја укина политиката чија цел беше спречување на дезинформациите за ковид-19 на платформата.
Платформата со ова се става во ризик од потенцијален пораст на лажни тврдења во САД и насекаде низ светот, а во време кога има жестоки протести против ковид мерките во Кина.

БЕЛОРУСИЈА - Марија Калесникава, една од водечките белоруски опозиционери, која беше осудена на 11 години затвор во септември 2021 година, беше префрлена во болница и моментално се лекува на одделот за интензивна нега. Опозицискиот лидер Виктор Бабарика, на 29 ноември на Телеграм напиша дека Калесникава ден претходно била итно пренесена во болница .

КАТАР - Меѓу 400 и 500 сезонски работници ги загубија животите за време на работата на организацијата на Светското првенство во Катар, изјави во вторник, 28 ноември, катарски функционер вклучен во организацијата на првенството.
„Се проценува дека има околу 400, меѓу 400 и 500. Немам точни бројки, но дури и една смрт е премногу“, рече генералниот секретар на врховниот комитет за наследство на Катар, Хасан ал Тавади, јавија британските медиуми.

РОМАНИЈА - Сојузниците на НАТО ќе и помогнат на Украина да ја поправи енергетската инфраструктура, која е оштетена од гранатирањето на Москва, ова беше кажано на состанокот на министрите за надворешни работи на членките на Алијансата во Букурешт, Романија.

МАКЕДОНИЈА - ЕСМ соопшти дека во тек е изработка на фактурите за топлинска енергија за октомври. Изработката на фактурите вклучуваше и постапка за преземање на податоците на потрошувачите од страна на „ЕСМ – Снабдување со топлина“ од претходниот снабдувач со топлинска енергија „Снабдување со топлина – Балкан енерџи“, се вели во соопштението.

МАКЕДОНИЈА - Судијата што го води предметот за автобуската несреќа која се случи кај селото Ласкарци му даде рок до 5 декември на Бирото за судски вештачења да го достави извештајот за супервештачење, кој е неопходен за завршување на доказната постапка и донесување на првостепена пресуда, се вели во соопштението од Кривичен суд.

РУСИЈА - Москва соопшти дека „нема друг избор“ освен да ги откаже разговорите со САД за договорот за контрола на нуклеарното оружје, објави Ројтерс, цитирајќи руски државни новински агенции. Заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков рече дека Вашингтон сака да разговара само за обновување на инспекцијата, додека Москва има други приоритети. Влијание врз одлуката на Русија да се повлече во последен момент од состанокот на билатералната комисија, што требаше да започне денеска во Каиро имаше и ситуацијата во Украина.

ИРАН - Портпаролот на Синдикатот на наставници во Иран, Џафар Ебрахими, кој е во затвор, објави писмо во кое вели дека откако бил префрлен од озлогласениот затвор Евин во Техеран поради болест, властите дванаесет дена го држеле врзан со синџири за болничкиот кревет и не му дозволувале пристап до неговиот адвокат ниту пак комуникација со семејството, информира Радио Фарда на РСЕ.

МАКЕДОНИЈА - Клубот „Ванчо Михајлов“ од Битола не ги отстрани спорните содржини од социјалните мрежи иако рокот за тоа истече, а денеска истече и рокот за останатите препораките во однос на името и содржината, па доколку не постапи по нив, следува прекршочна постапка, порачаа од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) на денешната прес-конференција.