Русија разговара за „гасна унија“ со Казахстан и Узбекистан

Илустрација

Русија разговара за потенцијална „гасна унија“ со Казахстан и Узбекистан со цел да го зголеми снабдувањето со гас меѓу трите земји и да им го понуди на други купувачи, вклучително и Кина, изјавија високи руски претставници во вторникот (29-ти ноември).

Рускиот вицепремиер Александар Новак, кој ги спомна испораките за Кина, не даде детали за планот, пренесува Ројтерс.

Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека деталите од договорот допрва треба да се разговараат, но дека клучната идеја е да се координираат плановите за снабдување.

Тој го наведе примерот со северен Казахстан, кој увезува гас од Русија и каде владата размислува за изградба на гасовод за снабдување на регионот со казахстански гас.

Македонија и Казахстан ќе ја зацврстуваат економската соработка

Русија, во исто време, го зголемува производството во блискиот источен Сибир, рече тој, сугерирајќи дека Казахстан би можел да избегне трошење на „десетици милијарди долари“ за гасоводи, потпирајќи се на рускиот увоз.

Портпаролот на казахстанскиот претседател Касим Зомарт Токаев во вторникот изјави дека рускиот претседател Владимир Путин предложил таква идеја на состанокот со Токаев во понеделникот, но без да отркие детали.

Додека Русија е главен извозник на природен гас, Узбекистан и Казахстан произведуваат приближно онолку колку што трошат. Двете земји се поврзани со гасовод со Русија, а посебен гасовод ги преминува двете на пат кон Кина.