Цените на услугите на Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) во просек се зголемени за 25 до 30 проценти со стапувањето во сила на новите тарифници, изјави денеска директорот на Агенцијата, Борис Тунџев.
Причината за поскапувањето е сублимирањето на услугите од петте тарифници во два, но и зголемените трошоци за електрична енергија и за одржување на катстарските ИКТ системи, објаснува Тунџев.
„За нормално функционирање и осовременување на техничката поддршка и надградба на софтверот и апликациите се потребни повеќе средства. Цените не се енормно поскапени, туку на ниво на реално направени трошоци за одржување на електронските системи кои се од исклучителна важност. Цените на некои од услугите не е променета“, додаде Тунџев.
Тој објаснува дека промените на ценовникот по пет години се резултат на систематска анализа што ја прави Агенцијата.
„Во 2017 Катастар ги намали цените за 30 до 90 проценти. Ако се направат споредби со 2014, поголемиот дел на услугите се на ниво од 2014, односно 2017,“ вели Тунџев.
Тој најави дека доколку дојде до стабилизирање на енергетската криза, односно намалување на цената на електричната енергија и другите фактори кои имаат влијание на трошоците, Агенцијата ќе направи анализа и ќе излезе со свое видување во однос на потребата од корекција на цените на услугите.
Видете и ова: Цените угоре, животниот стандард удолуИнаку на денешниот брифинг со новинарите сакаше да присуствува и претседателот на Комората на трговски друштва за геодетски работи Никола Рибароски, што не му беше дозволено со образложение дека настанот е за информирање на медиумите, а тој може да побара прием за разговор.
Комората на трговски друштва за геодетски работи при Сојузот на стопански комори претходно побара итна ревизија новите тарифници на Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) што стапија во сила на 19. месецов, а со кои, како што велат од Комората, услугите за добивање одредени податоци се поскапени за 100, 200, па и за 500 отсто, на товар на геодетските друштва, нотарите, адвокатите и граѓаните кои користат катастарски услуги. Веднаш потоа реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека поскапувањето на услугите од „Катастар“ ќе биде на грбот на граѓаните.